Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) утре ќе ја објави информацијата за седмата недела за состојбата со грип во Македонија, а сезонскиот грип продолжува да ги празни училиштата во државата. Директорите на училиштата соопштуваат дека е драстично намален бројот на учениците кои ја посетуваат наставата, а освен учениците, се разболуваат и наставниците.

Во средина на февруари обично се очекува грипот да го достигне пикот, односно моментот кога бројот на заболени ќе го достигне највисокото ниво.

Се очекува натамошен пораст, односно одржување на високата активност на вирусот и во текот на следните две – три недели, се вели во епидемиолошкиот коментар од ИЈЗ.

Од Министерството за образование и наука засега нема најава за вонреден распуст, иако одделенијата се преполовени. Од Министерството за здравство велат дека нема одлука за прогласување епидемија од страна на Комисијата за заразни болести.

ИЈЗ за состојбата со грип известува неделно, согласно епидемиолошка практика и законска регулатива, известување се праќа и до Свеската здравствена организација (СЗО) и ЕЦДЦ на крај на претходната недела. Извештајот се објавува и на веб страната на ИЈЗ, велат од ИЈЗ. Тие додаваат дека е светска пракса и стандард да се соопштува на неделно ниво за бројот на смртни случаи од грип.

На Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни вчера почина 85-годишен пациент со масивна бронхопневмонија како компликација од грип од типот AH1. Пациентот имаше и деменција и претходно прележана туберкулоза. Ова е втор смртен случај од компликација од грип по минатонеделниот кога девојче почина на Универзитетската клиника за детски болести. На Инфективната клиника во животозагрозувачка состојба е 38-годишен пациент, кој има масивна пневмонија и е на механичка вентилација со потврден грип до типот AH1.

Од Клиника за инфективни болести наведуваат дека кај нив се хоспитализирани 47 пациенти со клиничка слика на грип и компликации од кои четири се лабораториски потврдени. Прегледани биле 38 пациенти со клиничка слика на грип од кои двајца пациенти со бронхопневмонија како компликација се задржани на болничко лекување. Најголем дел од пациентите се на возраст од 15 до 64 години.

Во текот на 6-та недела од 2020 година се пријавени 3.614 случаи со заболувања слични на грип, што е зголемување за 27,9% во споредба со минатата недела. Бројот на пријавени лица споредено со 6-та недела од минатата сезона  е зголемен за 60,9%, а во споредба со бројот за 6-та недела од типичната епидемиска крива се регистрира зголемување од 13,3 проценти. Во 6-та недела, најголем број случаи  се пријавени во најголемата возрасната група – лица од 15-64 години.

Во сезоната 2019/2020, вкупниот број на случаи на грип и заболувања слични на грип изнесува 10.757. Во споредба со истиот период од минатата сезона постои зголемување на вкупниот број на пријавени случаи за 66,3 отсто, а во однос на моделот од последните 9 сезони се регистрира намалување од 17,6 отсто, велат од ИЈЗ.

Регистрираната инциденца од грип/заболувања слични на грип за прв пат оваа сезона е над неделната граница на средна активност, а процентот на позитивни резултати добиени од вирусолошкиот надзор за оваа недела е 63,9%. Се регистрира широка географска распространетост на активноста на вирусот на грип. Во пораст е интензитетот и распространетоста на вирусот, што заедно со високиот процент на позитивни изолати на грип укажува на висока активност на вирусот на грип, додаваат од Институтот.

Иа­ко е ши­ро­ко рас­про­стра­не­то мис­ле­ње­то де­ка гри­пот не ви­рее на сту­де­но вре­ме ка­кво што има­ме во изминатиот пер­и­од од го­ди­на­та, оваа за­раз­на бо­лест во ус­ло­ви на сту­де­но вре­ме и рела­тив­но ни­ска влаж­ност на воз­ду­хот оста­ну­ва по­дол­го вре­ме во воз­ду­хот. По­ра­ди сту­де­но­то вре­ме, по­ре­тко се про­ве­тру­ва­ат про­сто­ри­и­те во кои се пре­сто­ју­ва, та­ка што ве­ро­јат­но­ста да се вди­ше е по­го­ле­ма.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.