Во случај на појава на симптоми, граѓаните да не шетаат по јавноздравствените институции, туку да ги повикаат надлежните епидемиолози за да биде организирана мобилна екипа што ќе ги прегледа во домашни услови, рече министерот за здравство откако го најави првиот потврден случај на коронавирус во Скопје.
Министерството за здравство вчера ги даде телефонските броеви за пријавување на потенцијални случаи на коронавирус.
Карантин и изолација ќе има само за лицата за кои со сигурност знаеме дека биле во контакт со заболено лице. Нема простор за паника, пациентката е сместена на Инфективната клиника во Одделот за изолација, соодветно се третира нејзината состојба. Епидемилошките анализи укажуваа на тоа дека таа еден месец била во Италија во посета на роднини. Веќе две недели е болна и иницијално се тестирала во здравствената установа во Италија и непосредно по влегувањето на нашата земја директно се упатила на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Инкубацијата е помината и во моментот на транспорт таа не претставувала опасност за да ја пренесе болеста, рече Филипче.
Премиерот Спасовски и д-р Караџовски упатија смирувачки тонови, нагласувајќи дека нема причина, ниту простор за паника.
Едно позитивно лице не претставува ризик за населението. Медицинските служби се 24/7 подготвени да дејствуваат и за само половина час можат да направат екипа. Граѓаните може да бидат мирни, зашто ништо не не изненади, напомена д-р Караџовски.
Според премиерот Спасовски, ситуацијата е под контрола, пациентката со корона вирусот е третирана согласно сите препораки.
Институциите се подготвени да реагираат веднаш. Апелирам граѓаните целосно да се придржуваат кон препораките на Министерството за здравство. Во овој момент е многу важно свеста кај сите да биде на високо ниво, посебно во однос на препораките, но и во однос на одговорното однесување, рече Спасовски, укажувајќи да нема неодговорно однесување посебно на социјалните мрежи.
Министерот Филипче најави нова прес-конференција во 20 часот на која ќе бидат соопштени повеќе детали.
Претходно денеска министерот Филипче рече дека случај со коронавирус засега од регионов има во Хрватска, а денеска беше потврден и првиот случај во Грција. Во Албанија коронавирус, како што рече Филипче, се уште нема, а од Косово се чекаат информации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.