Горјан Јовановски е прогласен за најдобар млад иноватор во Европа за 2020 година за својата мобилна апликација „Мој воздух“ која го мери квалитетот на воздухот и придонесе да се откријат вистинските размери на аерозагадувањето во Македонија.
Дваесет и седумгодишниот софтверски инженер и екоактивист од Скопје победи во конкуренција на иноватори до 30 години на World Summit Awards, коишто беа доделени во рамките на Европскиот фестивал на млади иноватори во Грац.
Горјан ја создаде апликацијата “МојВоздух“ пред шест години. Таа работи на тој начин што ги презема информациите од 17 мерни станици поставени ширум Македонија, а е едноставна и лесна за користење. Преку апликацијата се добива постојано известување за квалитетот на воздухот во избраниот регион, а постои можност и за следење на локацијата и доставување информации за најблиската мерна станица во нашата земја. Покрај ова апликацијата го известува корисникот кога загадувањето на воздухот е над дозволеното ниво за селектираниот регион. „Мој воздух“ функционира на тој начин што ги користи отворените податоци за квалитетот на воздухот од државните, волонтерските и сателитските мерни станици.
Најново од овој месец заедно во соработка со Пакомак, во „Мој воздух“ ја има новата мапа на стотици контејнери за рециклирање поставени ширум Македонија.
МојВоздух, се смета како една од најпознатите општествено одговорни апликации направени во државата, со над 200 000 преземања, која за време на високото загадување, ги информира граѓаните за квалитетот на воздухот што го дишат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.