Г-дине Министер, одамна истече времето за изградба на двете катни гаражи, и намалувањето на цената на паркинг картичките или нејзино укинување за вработените во Клинички центар.

Дали мислите дека вработените во Клинички центар заборавија на Вашето ветување. Зарем мислите дека се намалил револтот. Не, туку ја изгубивте огромната доверба која ја имавте кај Вашите довчерашни соработници, се надеваме и понатамошни.

Истекува и времето докторите специјалисти во терциерно здравство да ги добијат ветените 100000,00 денари основна плата од која се многу далеку.

Докторите што ги споменувате со 90 до 100 илјади денари плата ги пополнуваат празните места во градовите каде недостигаат доктори од пооделни специјалистички области. Всушност, поради двојната работа ја земаат и платата на оние што ги нема во тие градови, а треба да ги има.

За воља на вистината, согласно важечкиот колективен договор докторите специјалисти во Клинички центар имаат 44517,00 денари основна нето плата.

Истекува и времето медицинските сестри и другите здравствени работници да го добијат двојното покачување на платите.

Не сакаме да поверуваме дека не знаевте дека ФР Германија до 2025 година ќе има потреба од 150.000 нови медицински сестри. Сигурно некој Ве запознал или бар требало да Ве запознае со стратегијата за решавање на тоа прашање, преку проект кој им нуди на странците интеграција во првите три месеци или тн. “Triple Win” проект. Најверојатно, мислевте дека проблемот комплетно ќе го решат со кандидати од БиХ, Тунис и Филипини, како што беа првичните огласи. На толкава бројка?

Излезете веќе еднаш јасно и недвосмислено пред нашите и Ваши административни работници да ги кажете Вашите и на Владата на Република Македонија планови за нивната понатамошна судбина. Ветивте дека ќе водите политичка борба во Владата за нивно изземање од останатата јавна администрација.

Да Ве информираме дека нашата обврска за утврдување правна регулатива по ова прашање е изработена и е доставена до, од Вас назначениот координатор за изготвување на законски измени и дополнувања со кои правно ќе се овозможи оваа цел. И како што знаете, административните работници го чекаат покачувањето од 5% на нивната основна плата.

Господине Министер, исправете ја сликата и почнете да се однесувате сериозно кон ресорот што го водите.

Со стратегија на тековно, а не планско решавање на проблемите и оставање за некое идно време, ќе се соочиме со уште поголем одлив и недостиг на здравствен персонал, и ситуација која тешко ќе може да се контролира.

Како основач на јавното здравство, Ваша обврска е да го спречите одливот на здравствениот персонал од јавните здравствени установи во западноевропските земји или нивниот потенцијален трансфер во приватните болници преку проектот јавно приватно партнерство.

Дали заборавивте дека спротивно на Вашите програмски определби за целиот изминат период основната плата на докторите специјалисти ја покачивте за само 15%, на медицинските сестри и другите здравствени работници и соработници од 10 до 13% и на вработените во администрација за 5%. Како што рековме, времето истекува.

И, оставете ги дежурствата. Докторите би Ви биле благодарни да ги укинете дежурствата, и да воведете сменска работа. Но, знаете дека тоа е неизводливо поради недоволен број на доктори.

Синдикатот на Клинички центар последните преговори со Вас ги имаше на 15.01.2019 година. Со ваквиот однос порачувате дека Синдикатот на Клинички центар е непосакуван социјален партнер, а со тоа дека не сакате да се соочите, а уште помалку да ги решите проблемите на вработените во Клинички центар.

Немаме намера да Ве “придобиваме“ со прикажување на нереална вистина. Подобрувањето на статусот на здравствените работници е наша заедничка цел, која не обврзува на континуиран социјален дијалог. Единствено на тој начин ќе успееме да ги реализираме барањата и потребите на вработените во јавните здравствени установи, како и политиката на Владата 2017 – 2020 година во делот на здравството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.