Докторите и медицинските сестри, но и нездравствените работници, болничари, транспортери, возачите во службата за итна медицинска помош, ќе добијат награда од 20 отсто од основната плата за два месеца.
Наградата е резултат на несебичните заложби на вработените во здравствените установи, за сите здравствени и нездравствени работници кои беа и сè уште се вклучени во работа со пациентите заболени од корона вирусот. Начинот на исплата ќе биде со платежна картичка која се чека да биде подготвена од Министерството за финансии“, соопшти Министерството за здравство.
Само квалификуван и мотивиран медицински кадар е еден од основните предуслови за квалитетно здравство.
Од 2018 година постојано вложуваме во вработените во јавното здравство и во споредба со декември 2017 година, за илустрација, основната бруто плата на лекарот специјалист е зголемена за повеќе од 50 отсто, на медицинските сестри за 33 отсто, на општите лекари за 29 отсто, а на здравствените соработници за 15 отсто“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој додаде дека просечната исплатена плата за профилот наставен кадар во декември 2017 година изнесувала 87.517 денари во бруто износ и до февруари 2020 година е зголемена на 122.810 денари или за 40,3 отсто. Во истиот период, просечната плата на доктор специјалист е зголемена за 54 отсто, додека кај доктор на медицина за 29 отсто. Кај медицинските сестри просечната бруто плата е повисока за 32,5 отсто.
Филипче истакна дека зголемените плати се инвестиција во јавното здравство што директно ќе влијае врз одлуката на здравствените работници својата кариера да ја градат тука.
Во мигови на здравствена криза како оваа која ја живееме денес, тоа се покажува како добра стратегија и инвестиција”, рече тој и потсети дека во периодот откако е на чело на Министерството за здравство, дадени се над 5.000 согласности за вработувања во јавно-здравствените установи, а за 15 отсто е зголемен капитациониот бод на матичните лекари од општа пракса, гинекологија и стоматологија и одобрени се повеќе од 1.000 специјализации и субспецијализации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.