Министерството за здравство информира дека утре претпладне, министерот за здравство Венко Филипче ќе оствари средба со здруженијата на пациенти Борка, Живот со предизвици, Национално здружение за МС, Здружение за ХМЛ, Сојуз на здруженија на дијабетичари на Македонија, Нефрон, Хепар центар, Пеперутка и Алијанса на Пациентски Организации – АПО.
На средбата е предвидено да се разговара за предлозите кои ги имаат овие здруженија во врска со препораката на Комисијата на заразни болести за враќање на дел од хронично болните на работа, а во интерес на подобро услогласување на критериумите под кои ќе се спроведува одлуката.
Пред два дена Филипче го образложи и аргументираше предлогот на Комисијата согласно кој пациентите коишто имаат дијагноза хронична болест и оние коишто имаат малигни болести треба да се вратат на своите работни места. Тој нагласи дека ова нема да важи за оние пациенти кај коишто лекарот специјалист ќе укаже дека има состојба на влошување во рамките на хроничната болест и истата бара некаков акутен третман, а претставува и дополнителен ризик по здравјето на пациентот. Филипче информираше дека соодветната проценка за здравствената состојба на пациентот треба да ја направат лекарите специјалисти, врз основа на нивната стручност и експертиза.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.