Здравствените власти во земјава најавуваат дека ќе нема враќање на рестриктивните мерки по одржувањето на предвремените парламентарни избори закажани за 15 јули. Министерот за здравство Венко Филипче вчера рече дека кај нас нема најава дека е потребна некаква дополнителна мерка, дополнувајќи дека за разлика од Србија, каде имаше големи собири на спортски натпревари, кај нас овие собири за забранети.

Може да се одигруваат спортски натпревари, групни спортови без публика, бидејќи знаеме дека тоа е еден огромен ризик. Во таа смисла и моментот кога треба да се воведе рестрикција, треба добро да се оцени, затоа што во даден момент можеби и е многу доцна, кажа Филипче.

Тој, исто така, изјави дека во последниот период има сѐ помал број пациенти во болници, како и дека просекот на новодијагностицирани секој ден се намалува.

Рестриктивна мерка се воведува тогаш кога ќе се оцени дека има ризик по здравствениот систем и тоа ни беше потврдено од страна на експертот од Светската здравствена организација, кој беше во посета. Тоа е единствена дополнителна мерка на сите оние мерки што сега важат кај нас, ама не важеа во околните земји“, изјави Филипче. Филипче напомена дека каква било форма на собир каде што нема да се одржува дистанцата, нема граѓаните да носат маски асполутно е ризик како по здравјето на таму присутните, така и по здравјето на сите нивни блиски.

Препорака апсолутно имало, има и сега и ќе има и во иднина за секаква форма на масовно собирање. Но, секогаш доаѓаме до истата поента, а тоа е дека огромен дел во целата борба против коронавирусот останува на свеста и совеста на народот. И она што се случуваше во изминатиот период новите случаи вториот бран, почетокот, трансмисијата после тоа го поврзуваме со настани коишто овие превентивни мерки не се почитуваат“, рече Филипче.

Тој верува дека во последните денови од кампањата, а и вечерта по изборите кога ќе се знаат резултатите, ќе се почитуват апсолутно сите протоколи.

Ние практично секојдневно на утринските состаноци на КЗБ разгледуваме различни барања, од организатори на настани на отворено, на затворено, свадбите дали ќе се организираат или не беше прашање пред некој ден. За сѐ важат истите препораки. И повторно ќе се вратам на тоа дека новите случаи се исклучиво таму каде што мерките не се почитуваат“, изјави Филипче.

Инаку вчера беа направени 1.794 тестирања, а регистрирани се 163 нови случаи на ковид-19. И понатаму најголемиот број на позитивни случаи се во Скопје, вчера вкупно 87 позитивни.

Од друга страна вчера Институтот за јавно здравје соопшти дека има 230 оздравени пациенти, од кои 126 само од Скопје, каде е и најголемиот бројот на активни случаји во државата-1.895, потоа следат градовите Куманово и Тетово, односно Штип. Вкупната бројка на ковид дијагностицирани во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 7.406, бројката на оздравени пациенти е 3.554, на починати е 359, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.493.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.