Министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека нема дилема оти антителата што се создаваат кај пациентите по прележн корона вирус штитат одреден период, но дека имунитетот стекнат од вакцината е многу подолготраен и поефикасен.

На прес-конференцијата во Владата каде беше промовирана националната кампања за помасовно вакцинирање, Филипче изјави дека препораката прележаните да се вакцинираат 45 дена по завршување на болеста е со цел овие лица да стекнат подолготраен имунитет од една страна и да се заштити здравствениот систем од следни бранови од друга страна.

Тоа што сакаме да го постигнеме со нашата препорака е граѓаните што порано се вакцинираат по прележување на болеста за што порано да се стекнат со подолготраен имунитет. На тој начин постигнуваме две работи – прво оние граѓани кои ја прележале болеста стекнат подолготраен имунитет, но истовремено го заштитиме и здравствениот систем. Зошто? Заради тоа што не секој пациент реагира еднакво, некој развива антитела, некој не. После овој бран може да се соочиме со некој нов кога една одредена група на граѓани кои сега се болни, тогаш ќе бидат во фаза кога антителата им паѓаат и тие повторно се ризична категорија на граѓани – изјави Филипче.

Коментирајќи британска студија која покажува дека прележаните имаат подобар имунитет од оние кои се вакцинирале, Филипче со став дека се прават голем број на студии, но оти важно е на кој начин тие се прават, односно зависи од повеќе фактори.

Во однос на барањата на коморите за олеснување на мерките, Филипче посочи дека според него актуелните мерки треба да останат исти се додека не се зголеми колективниот имунитет. Според него, ако продолжи вакцинацијата со ова темпо,кон средината на октомври би имало пораст на колективниот имунитет.

Како што посочи Филипче, според проследните проценки, за да се постигне колективен имунитет потребно е да биде вакцинирано околу 80 проценти од населението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.