Не треба да живееме затворени, фокус треба да е вакцинацијата, вели министерот за здравство Венко Филипче на прашање дали ќе се воведуваат нови рестрикции поради делта-сојот на ковид-19.

Сега нема потреба од нови мерки, затоа што ситуацијата е прилично мирна. Политиката на затворање се спроведуваше во периодот кога немаше вакцини. Сега кога го има и кога се достапни акцент треба да се стави на процесот на вакцинација. Гледаме, на пример, Велика Британија и покрај тоа што има голем број на случаи ги попушта мерките, бидејќи тамошните власти кажуваат дека не може да се живее и понатаму затворен. Може ќе има и следни мутации, но не значи дека треба да живееме затворени очекувајќи нови мутации, туку значи дека треба масовно да се вакцинираме за било кој следен бран да го дочекаме спремни, рече Филипче.

Филипче најави дека од понеделник почнува вакцинирање на граѓаните без закажување на термин, а денеска ќе биде подготвен и распоредот по кој ќе се изврши теренското вакцинирање, со посебен акцент на руралните средини и Шуто Оризари.

Министерот рече дека досега се вакцинирани околу 50 проценти од лицата над 70 години, околу 40 проценти од лицата над 60 години, затоа, според него, сега треба да се стави акцент и на помладите лица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.