Граѓаните мора да знаат додека сите не се вакцинираме пандемијата нема да престане, истакна министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање.
Според него, за пацинетот кој се опоравил од Ковид-19 нема разлика дали ќе се вакцинира по еден или по шест месеци. Сепак, рече дека тоа ќе влијае за колективниот имунитет бидејќи, како што вели, вакциналниот имунитет е траен, а природниот се намалува.
-Има јасни препораки дека природниот имунитет по прележување на болеста со тек на време се намалува, а вакциналниот е потраен. Тоа го укажува американскиот Центар за контрола на болести (ЦДЦ), тоа го укажува Светската здравствена организација. Според препораките на ЦДЦ, дури и десет дена после тестирање кај асимптоматски случаи се препорачува вакцинација. Точно е дека има студии кои констатираат дека граѓаните имаат имунитет и после 5-6, па и 8 месеци по прележувањето на болеста, меѓутоа природниот имунитет се намалува. Битно е граѓаните да се вакцинираат за што пократко време да се подигне степенот на вакцинација и да се постигне колективен имунитет заради тоа што вакциналниот имунитет е траен. Сакајќи да спречиме следни бранови, зошто да чекаме, мораме ова да го прекинеме. Тоа е логиката за овие 45 дена, рече Филипче.
-Нема разлика за пациентот кој се опоравува дали ќе се вакцинира по еден или по шест месеци, за него нема никаква разлика, но има разлика за колективниот имунитет. Нема зијан или контраиндикација да се вакцинира порано. Не секој развива ист имунитет после прележувањето. Точно е дека има пациенти кои имаат голема количина антитела, ама докажано е дека вакциналниот имунитет е трајниот, додаде Филипче.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.