Министерот за здравство Венко Филипче на денешната средба со австриската министерка за труд, социјална политика, здравство и заштита на потрошувачи, Беате Хартингер-Клајн информирал за успешната реализација на заедничкиот проект на МЗ и МТСП за промовирање на првиот сервис за домашна посета, што успешно функционира во Кочани и Ресен, а наскоро и во Битола.
Проектот е поддржан од програмата за општинско корисна работа на УНДП – програма која има за цел да овозможи социјално вклучување на невработените лица преку нивно ангажирање на определено време за стекнување одредени вештини и постепено вклучување на пазарот на трудот. Новата услуга е реализирана од два мултидисциплинарни тима составени од медицински сестри и социјални работници кои секојдневно посетуваат по неколку домаќинства, со цел основна здравствена и социјална грижа во домашни услови, се вели во соопштението од МЗ.
Оттаму информираат дека на средбата биле споменати повеќе мерки за унапредување на здравствената заштита и статусот на здравствените работници.
Продолжуваме со интензивна соработка со Владата на Австрија, со која имаме одлични релации во областа на здравството. Во следниот период, ќе ја унапредиме соработката и во делот на изградба на нов Клинички Центар во Скопје, велат од Министерството.
Филипче и Хартингер-Клајн дискутирале и за интензивната соработка од потпишувањето на Меморандумот за соработка, како и за тековните реформи, дигитализацијата во здравствениот сектор и заедничките активности што произлегуваат од соработката со Република Австрија.
По средбата, министерот Филипче и австриската министерка Хартингер-Клајн, ја посетија Општата Градска болница „8 Септември“, се наведува во соопштението од Министерството за здравство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.