Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека болниците имаат доволен капацитет на болнички кревети, а веќе се прават проекции и за нови капацитети како подготовка за есенските месеци.

Има неколку слободни кревети на инфективната клиника, од 110 вкупно 90 се денеска полни. Целосно е празна модуларната болница каде утре завршува монтажата на централен систем за довод на гасови, што значи дополнителни 70 кревети каде што ќе работи кадар од Институтот за туберкулоза со оглед на искуството на овие лекари и сестри коешто го имаат во третманот на белодробната патологија. Триесетина проценти е исполнет капацитетот на болницата Козле. Има доволен број на слободни кревети во болницата „8 септември“, каде работиме на системот на ротација на кадар. Полуисполнет капацитет има во сите болнички капацитети ширум државата, освен во Охрид и Битола каде што има неколку слободни кревети, изјави Филипче.

Тој додаде дека трендовите изминатите неколку денови покажуваат дека се намалува бројот на приеми, во споредба со пред десетина дена кога имаше поголем број на пациенти коишто доаѓаа во болница, а немаше пациенти коишто се испишуваа. Како пример ја наведе Клиниката за инфективни болести каде што вчерашниот ден бележи поголем број на испишани од примени пациенти.

Во однос на болницата „8 Септември“ за ротациите на медицинскиот персонал со цел да се одморат, Филипче истакна:

Се постави вчера прашањето за замена на анаестезиолозите коишто работат во одделенијата за интензивна нега. Во изминатите неколку недели тројца анестезиолози се префрлија од приватните болници во болницата „8 Септември“ и се одлична помош за осумте анестезиолози коишто веќе работат таму. Денес ќе имаме состанок со анестезиолозите од КАРИЛ за да се направи замена, ротација на овие луѓе коишто работат во одделот за интензивна нега.“

Филипче информираше и дека деновиве ќе биде пуштен и системот за закажување на Мој термин за оние клиники и одделенија каде што лекарите, односно анестезиолозите не ротираат на другите клиники.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.