Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска, на редовната прес-конференција за состојбата со коронавирус во земјава, информираше дека се потврдени 44 нови случаи со коронавирус.

Во изминатите 24 часа се потврдени 44 нови случаи со коронавирус. Направени се вкупно 392 тестирања. Состојбата по градови, денеска, е следна: во Куманово 23 случаи, Скопје 12, Тетово два, Битола три, Струга два, Штип еден и Прилеп еден случај. Со ова вкупниот број потврдени случаи во нашата земја изнесува 329 лица, а според местото на живеење има случаи во Скопје, Дебар, Куманово, Штип, Тетово, Прилеп, Струга, Велес, Битола, Охрид, Кавадарци, Гостивар, Крива Паланка, Струмица и Гевгелија. Вкупниот број тестови направени во нашата земја, од почетокот на пандемијата, досега, изнесува 3518 тестови и ги соопштуваме резултатите од апсолутно сите кои се вклучени во мрежата на тестирање и во кои увид секојдневно прават епидемиолозите од Институтот за јавно здравје – посочи министерот.

Во однос на Градската општа болница „8 Септември“, во текот на утринскиот состанок на Комисијата за заразни болести, разговаравме за моделот со кој може да се забрзаат резултатите со оглед на тоа што огромен број пациенти доаѓаат и за друга здравствена услуга, како и директно заради сомневање поради воспаление на белите дробови и еден дел од тие мобилни тимови ќе биде посветен токму на земање анализи од болницата „8 Септември“. Другиот мобилен тим, кој го најавивме во текот на минатата недела, ќе работи преку системот за закажување и Институтот за јавно здравје, пред се за повозрасните граѓани, а со цел тие да не излегуваат од дома и брис и материјал да им се земе во домашни услови, информираше министерот.

Тој истакна дека веќе е во функција пунктот во поликлиниката „Чаир“, а утре се отвора и пунктот во поликлиниката „Млин Балкан“, со што капацитетот на пунктови во Скопје практично се дуплира, а до крајот на неделата почнуваат со работа и останатите пунктови ширум државата во здравствените домови, што всушност ќе значи трикратно зголемување на пунктовите, согласно големината на градот, кои веќе функционираат во Центрите за јавно здравје.

Во врска со мобилната болница до Инфективната клиника, министерот информираше дека таа е при крај, во тек е поставувањето кревети, завршен е доводот со воздух, греењето и ладењето и во текот на утрешниот ден практично ќе биде во функција, а целосно се очекува да биде готова до крајот на неделата. Инаку, се уште има слободен капацитет на Клиниката за инфективни болести, имајќи предвид дека исполнетоста е 50 проценти и во тек е надополнувањето со кадри од Клиниката за анестезиологија, медицински сестри од другите клиники, согласно планот за ротација и поддршка на персоналот кој работи на Инфективната клиника.

Воедно, министерот за здравство Венко Филипче информираше дека во Охридската болница е завршен увидот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, детектирани се пропусти во третманот на пациентката за која беше дискутирано во претходните денови и ќе се преземат соодветни мерки за сите кои биле вклучени во тој процес, појаснувајќи дека новиот директор веќе ја реорганизира работата и пристапот во однос на сместувањето пациенти на Инфективното одделение во оваа болница.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.