Министерот за здравство Венко Филипче, повторно апелираше кон граѓаните да се вакцинираат, иако процесот на имунизација се одвива добро на сите пунктови и до вчера над 650 илјади граѓани примиле барем една доза вакцина, а бројот на ревакцинирани достигна половина милион. Тој нагласи дека има од сите типови и во доволно количини на вакцини, посочувајќи дека нема наплив во болниците во градовите каде што е висок процентот и интересот за вакцинирање.

„Граѓаните мора да знаат дека додека сите не се вакцинираме, ова нема да престане и тоа е единствениот спас. Има јасни меѓународни препораки од релевантни институции дека природниот имунитет по прележување на болеста со тек на време се намалува, а вакциналниот имунитет е потраен. Сите препораки укажуваат за што пократко време луѓето да се имунизираат. Така ќе се зголеми степенот на вакцинација и ќе се постигне колективен имунитет. Треба да спречиме следни бранови, ова мора да го прекинеме. Природниот имунитет со тек на време се намалува и затоа нема потреба да се чека, појаснувајќи зошто во најновите мерки се препорачани 45 дена, а не подолг период од озравувањето“ изјави Филипче.

На прашање зошто во угостителски објекти не може да се влезе со негативен ПЦР-тест, одговори дека не е потребно да се изложуваат на трошоци зашто така би требало секој ден да прават тестови.

Во однос на серификатите за вакцинација и можноста за фалсификување, Филипче одгвоори дека контролата е во надлежност на инспекторатите. Потсети дека од пред неколку дена е потврдено дека нашиот сертификат се признава во Европската Унија. Соопшти дека покрај апликацијата CommonPass, од средината на следната недела европскиот сертификат ќе може да се симне и на нова апликација – Мое здравје.

„Ги имаме сите електронски алатки за инспекторатите да бидат сигурни дека граѓаните имаат веродостоен документ“ додаде министерот за здравство.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.