Појавата на африканска свинска куга во Бугарија, Унгарија и Романија оваа година претставува сериозна и директна закана за балканските земји, кои никогаш не биле изложени на таа болест, порачуваат од Организацијата за храна и земјоделство при ОН (ФАО).

– Балканот никогаш не бил изложен на африканската свонска чума, што значи дека владите, фармерите и ловците имаат малку информации и техничко знаење за таа болест, изјави Даниела Манѓоне од ФАО.

Таа болест во последните години постепено се прошири, поради што е неопходно намалување на ризикот од упад на диви свињи, но и подобри подготовки за брзо откривање и контрола на африканската свинска чума во балканските земји, наведува ФАО.

За таа цел ФАО организираше четиридневна работилница во Белград, која заврши денеска, а на која учествуваа меѓународни експерти и претставници на ветеринарни и шумски агенции од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Хрватска, Унгарија и Романија, пренесува Танјуг. На собирот имаше и претставници на ловечки здруженија и невладини организации.

– Вирусот може брзо да се шири поради релативно густата популација на диви свињи. Поголема свест, подобра биолошка безбедност и подготвеност се од клучно значење за спречување на навлегувањето на оваа болест во регионот и минимизирање на нејзините негативни влијанија на животот во руралните подрачја, изјави Даниел Белтран-Алкрудо од ФАО.

Африканската свинска чума е вирусна хеморагиска болест, која убива и до 100 отсто од заразените животни, како домашни, така и диви свињи. Не претставува никаков ризик за човековото здравје, но има потенцијал да го уништи животот во руралните подрачја и да ја загрози безбедноста на храната и трговијата во погодените региони.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.