Европа може да достигне колективен имунитет против коронавирус за три до четири месеци, изјави директорот на германската фармацевтска компанија „Бионтек“.

Додека продолжува дебатата за прагот потребен за да се достигне тоа клучно ниво на имунизација, експертите велат дека нивото над 70 проценти вакцинирани значително би го нарушиле пренесувањето на коронавирусот кај луѓето од една популација.

Европа ќе го достигне колективниот имунитет во јули, најдоцна до август, вели Угур Сахин.

Тој предупреди дека колективниот имунитет првично нема да ги опфаќа децата, имајќи предвид дека вакцината во моментов е одобрена само за постари од 16 години. Мал број деца заразени со Ковид-19 имаат сериозни симптоми или долгорочни последици.

Сахин рече дека податоците за луѓето кои примиле вакцина покажуваат дека реакцијата на имунолошкиот систем ослабува со текот на времето и дека најверојатно ќе биде потребна трета доза.

Според истражувањето, ефективноста на вакцината на „Бионтек“ и „Фајзер“ паѓа од 95 на 91 процент по шест месеци.

Соодветно на тоа, ќе биде потребна трета доза за да се врати скоро 100-процентна заштита, нагласи директорот на „Бионтек“.

Вакцината на компанијата во моментов се дава во две дози, со разлика од три недели, иако во некои земји периодот е подолг. Сахин сугерира дека третата доза треба да се даде 9-12 месеци по првата.

Очекувам дека веројатно ќе биде потребно да се прима вакцина секоја година или можеби на секои 18 месеци, додаде тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.