Експертите предупредуваат дека дишењето и зборувањето се најчестите начини на ширење на коронавирусот. Студијата на кинеските научници покажала дека во просек има три пати поголема количина на вирус во здивот на пациентите (16,7%) во однос на површините (5,4%) Eдноставно дишењето или зборувањето може да бидат најчестите начини на ширење на коронавирусот, сугерира најновата студија. Кинеските научници откриле дека пациентите со Ковид-19 издишуваат милиони вирусни честички на час, дури и ако имаат благи или немаат никакви симптоми.
Тие велат дека ова ја истакнува потребата за носење заштитни маски за лице, иако на Британците им се советува да ги носат само кога користат јавен превоз или се во продавници со многу народ. Маските не се задолжителни во Велика Британија, за разлика од другите европски земји како Германија, Чешка и Австрија, кои ги спречија големите кризи, пишува „Дејли мејл“.
Експертите за британскиот весник изјавуваат – доказите сега се јасни дека задолжителното носење маска досега има најголемо влијание во спречувањето на ширење на коронавирусот во Велика Британија.
Како и повеќето респираторни заболувања, високо заразната болест се шири преку мали капки кои носат честички на вируси. Претходно се сметаше дека главниот извор на пренесување на инфекцијата е преку овие капки од кашлање и кивање.
Но, најновото откритие сугерира дека коронавирусот може да се шири исто толку лесно во аеросолите во здивот и може да објасни зошто вирусот успеа толку брзо да се рашири низ целиот свет.
Истражувачите откриле и дека тоалетите и подните површини се „резервоари“ за вирусот, но не и секојдневните работи како што се мобилните телефони.
Студијата, која сè уште не е објавена во научно списание или прегледана од други научници, ја водел Центарот за контрола и спречување на болести во Пекинг. Триесет и пет пациенти со Ковид-19 биле регрутирани и скоро 300 вирусни примероци биле собрани од нивниот здив, на површини и во воздухот во болниците.
Студијата покажала дека, во просек, има три пати поголема количина на вирус во здивот на пациентите (16,7%) во однос на површините (5,4%).
Вирусното оптоварување во здивот на пациентите било исто така четири пати поголемо отколку во примероците од воздух (3,8%) во нивните болнички простории и ходници.
Коментирајќи ги наодите, Јан Џонс, виролог од Универзитетот во Ридинг, рече дека студијата е „многу валидна“.
Аеросолите се најголемиот извор на вирус и блокирањето на истите со маска, на пример, ќе има најголемо влијание, изјави Џонс.
Истражувачите од Националниот институт за здравство (NIH) откриле дека капките од плунка што можат да содржат заразни честички на коронавирус, можат да лебдат во воздухот осум до 14 минути откако некој ќе зборува.
Особено загрижувачки е што дури и лице без симптоми на коронавирус може да остави траги на коронавирус во воздухот по разговорот.
извор: Дејли мејл
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.