Многу лица кои имале коронавирус, привремено го губат сетилото за вкус и мирис. Додека закрепнуваат, обично се враќаат сетилата, но некои откриваат дека намирниците потоа имаат поинаков мирис, но и вкус.

Симптомите на Ковид-19 можат да бидат различни – од главоболка, дигестивни проблеми па сè до умор. Меѓутоа, губењето на сетилото за вкус или мирис е еден од симптомите карактеристичен за вирусот, а според метаанализата спроведена од страна на клиниката „Mayo“, од 8438 пациенти заболени од коронавирус, 41 отсто ги изгубиле сетилата за вкус и мирис, пренесува „Best Life“.

Кај повеќето заболени, сетилата се враќаат откако ќе ја прележат болеста, но кај некои тие сетила се менуваат односно некои намирници повеќе го немаат тој вкус кој што го имале пред болеста.

Според новиот извештај кој го објави „Eater“, во група од 5 лица кои прележале коронавирус, тројца изјавиле дека со месеци по болеста, кромидот бил вид на храна кој се истакнувал како посебно невкусна.

Еден од пациентите кој прележал Ковид-19 рекол дека кромидот има „ужасен вкус“, друг навел дека му бил „одбивен“, а трет пациент истакнал дека мирисот на кромид „исклучително му сметал“.

Тоа не е единствената промена која се случувала кај лица заразени со коронавирус. Едно лице кое ја прележало болеста вели за „BBC“ дека месото му имало вкус на бензин, а друга личност изјавила дека виното имало вкус на масло, пренесува „Newsweek“.

Губењето на сетилото за мирис и вкус е еден од симптомите кои подолго време се задржуваат кај заразените лица, а освен него постојат уште некои симптоми карактеристични за „продолжен Ковид-19“.

Некои од нив се вртоглавица, проблеми со помнењето, тегоби, потешкотии со спиењето, главоболка, лоша концентрација, краток здив, проблеми со дишењето и умор.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.