Ќе биде потребна редовна ревакцинација против коронавирусот заради новите варијанти што го прават позаразен и поспособен да го заобиколи човечкиот имунитет, смета Шенон Пикок, раководител на британскиот институт што работи на секвенционирање на геномот на вирусот.

Коронавирусот, од неговото појавување во Вухан, кон крајот на 2019 година, досега ширум светот предизвика повеќе од 2,65 милиона смртни случаи, пренесе Хина, повикувајќи се на британските меидуми.

Вирусот мутира на секои две недели, побавно од грипот или ХИВ, но доволно брзо да бидат потребни модификации на вакцините.

Пикок, шефица на британскиот Институт за геномика на коронавирусот COG-UK, што, пак,  секвенционираше половина од сите геноми на вирусот во светот, истакна дека во моментов заради играта „мачка и глушец“ со вирусот е потребна меѓународна соработка.

-Треба да прифатиме дека секогаш ќе ни треба повторна вакцинација – имунитетот против коронавирусот не трае вечно, изјави Пикок од нејзиниот кампус во близина на Кембриџ.

„Веќе ги менуваме вакцините за да се справиме со нејзината еволуција, се појавуваат варијанти со комбинација на поголема зараза и можност делумно да се заобиколи нашиот имунолошки одговор”, додаде таа.

Пикок е убедена дека редовната ревакцинација, како што е таа против грипот, ќе биде потребна заради идните варијанти, но истакна дека напредокот во производството на вакцини овозможува таа да се развие на време.

Институтот COG-UK е формиран пред точно една година од самата Пикок, професорка на Универзитетот во Кембриџ, а помош и е главниот научен советник на британската Влада, Патрик Валенс.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.