Ефикасноста на вакцините „Фајзер“ и „Модерна“ против инфекцијата Ковид-19 се намалила од 91 на 66 проценти откако во САД преовладува делта варијантата на вирусот, според податоците објавени од американските власти за јавно здравје во вторникот.
Овие податоци доаѓаат од студија спроведена врз илјадници вработени во здравствени центри и болници во шест американски држави за да се тестира ефикасноста на вакцината во реални услови.

Учесниците беа испитувани неделно за да се откријат симптоматски и асимптоматски инфекции.

Помеѓу декември 2020 и април 2021 година, ефикасноста на вакцината во спречувањето на инфекцијата изнесуваше 91 процент, според податоците објавени од Центрите за контрола и превенција на болести (ЦДЦ), главната федерална агенција за јавно здравје во земјата.

Но, во периодите кога преовлада делта варијантата, што значи дека мутацијата на вирусот е одговорна за повеќе од 50 проценти од случаите, ефикаснота се намали на 66 проценти.

Авторите на студијата, сепак, предупредуваат дека причината за овој пад не е само делта варијантата, туку и фактот дека ефикасноста на вакцината слабее со текот на времето.

Иако привремените податоци сугерираат умерено намалување на ефикасноста на вакцината против „Ковид-19 “во спречување на инфекција, фактот дека инфекциите сепак се намалуваат за две третини, зборува за важноста и придобивките од вакцинацијата, пишуваат авторите.

Податоците објавени во вторникот не прават разлика помеѓу вакцините Модерна и Фајзер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.