Двајца лекари, три медицински сестри и двајца вработени во струмичката болница се позитивни на Ковид-19 и се во домашна изолација.
Според директорот на ЈЗУ „Општа болница Струмица“, д-р Наќе Гогов, кој ги потврдува позитивните случаи, отсуството од работа на лекарите и сестрите се чувствува во секојдневното работење и тешко се организира работата на одделенијата од каде што се заразените.
Обезбедуваме персонал од другите одделенија, каде што нема позитивни. Засега успеваме, но тешко.Тие се веќе седум денови во изолација и се надевам дека бргу ќе се вратат на секојдневните обврски – вели директорот Гогов.
Тој информира дека се полнат капацитети во болницата во кои се примаат ковид-пациенти. Во дополнителниот адаптиран простор на поранешните хирурушки амбуланти има слободни само два кревета, додека капациетите на Инфективното оделение оддамна се полни.
Доколку не почне да се намалува бројот на заразени во нашата општина, тогаш и првиот спрат од новиот болнички крак ќе го подготвиме за прием на ковид-пациенти – вели директорот на струмичката болница.
Од почетокот на пандемијата во Струмица се регистрирани вкупно 328 заразени со корона вирусот, од нив активни се 151 пациент.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.