Терапијата за лекување ковид која се прослави откако екс претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека ја примал и се излекувал со неа – моноклонални антитела – предизвика огромно внимание во земјава, објави „Слободен печат“.
Министерството за здравство ги набави овие ампули на средината на летото. Беа дистрибуирани на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје, во континуиран ладен синџир. Ампулите се скапи, околу 2 илјади евра во доза и бараат посебни услови за чување.
Моноклоналните антитела се антитела кои се даваат кај пациенти со ковид кои не развиле клинички слики, не се кислородно зависни, а притоа имаат сериозни коморбидитети за фатален исход од болеста. Досега на Инфективната клиника ја аплициравме кај млади пациенти со акутни хематолошки заболувања, со трансплантации како хематолошки и други, однносно кај пациенти со малигна болест на почеток, а не во терминален стадиум. Кога им се аплицираше оваа терапија симптомите останаа многу слаби и не развија тешка болест. Досега сме ја дале оваа терапија кај дваесетина луѓе, изјави д-р Стевановиќ за „Слободен печат“.
Набавените количини се доволни за околу 1.200 пациенти, а за да се аплицираат моноклоналните антитела според македонскиот протокол, пациентот мора да има барем неколку хроничнни заболувања, или да е имуносупримиран но со перспектива – односно малигното заболување да не биде во терминална фаза. Значи, се препорачува да ја примат млади пациенти со бубрежни болести, хронични дијабетичари. Светската здравствена организација пред три дена ги воведе моноклоналните антитела во својот официјален протокол за лекување ковид, со строга индикација да се даваат кај пациенти со највисок ризик од хоспитализација, затоа што според нив, има огромен интерес кај пациентите во почетните стадиуми на ковид да ги примат овие ампули.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.