Со новите дополнителни мерки на Владата библиотеките, студентските и ученичките домови ќе престанат со работа во наредните 14 дена. Утврдени се и категориите хронично болни лица, кои треба да добијат потврда од матичен лекар – станува збор за болните од хронични респираторни болести, малигни заболувања, тешки кардиоваскуларни заболувања, дијабетес 1.

Понатаму, им се препорачува на сите вработени лица во здравствениот сектор да не користат годишни одмори, како и платени и неплатени отсуства за време на овој период.

Министерството за здравство телефонскиот број на „Ало, докторе“ ќе го пренамени во кол-центар со цел да се зголеми капацитетот за информирање за коронавирусот. Собранискиот канал и Македонската радио-телевизија ќе бидат должни на дневна основа да ги објавуваат сите заклучоци од Владата во врска со препораките за коронавирусот, исто како и државната агенција МИА.

Се задолжува и МВР во текот на денот да објави соопштение дека ќе има соодветни мерки за сите лица што на социјалните медиуми објавуваат дезинформации во врска со коронавирусот и за сите медиуми што тие ги преземаат и ги објавуваат.

Сите вработени во државниот и јавниот сектор, а по препорака и во локалната самоуправа и приватниот сектор, кои имаат деца под 10 години и ќе отсуствуваат од работа, ќе треба да достават доказ за оправдано отсуство, односно потврда од градинката/училиштето, копија од патна исправа за возраста на детето, потврда за редовен ученик или копија од свидетелство.

Понатаму, ќе има засилени контроли при излез од земјата, а задолжителна ќе биде и дезинфекција на сите градинки и училишта.

Вработените во МВР, Министерството за одбрана, противпожарните екипи и вработените во домовите за стари лица се изземаат од овие мерки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.