Во врска со денешната прес-конференција на министерот за здравство Венко Филипче, на која тој информираше дека во приватен дом за стари лица во скопската населба Ченто и во Кадино во општина Илинден, во едниот се позитивни на ковид-19 две штитенички, а во другиот двајца вработени, сакам да ве информирам дека и вработените и штитениците во двата објекти се во добра здравствена состојба.

Во сабота на 30 мај, од Институтот за јавно здравје им беше направен ПСР тест во рамки на скринингот на домовите за стари лица, на сите вработени и на штитениците во двата објекта. Позитивни резултати на ковид-19 добија три вработени во домот за стари лица во Кадино и две штитенички во објектот во населба Ченто.

Сакам преку медиумите да ги уверам семејствата кои имаат свои родители во двата објекти на домовите „Руски“, дека две од вработените позитивни на коронавирусот не биле на работа од 29 април, а третата од 14 мај. Токму од причина што требаше да се вратат на работа, тие беа повикани да се тестираат во рамки на скринингот. Што значи, дека ниту една од трите позитивни вработени немала никаков контакт со штитениците во домот. Трите се без симптоми и се во своите домови. Тестирани се и членови на нивните семејства и резултатите се негативни.

Во врска со двете штитенички кои добија позитивни резултати на тестот за ковид-19, тие беа и се без симптоми, сместени се на два различни ката и немале меѓусебен контакт три години. На нив две вчера повторно им е направен тест во „Аџибадем Систина“ и резулатите кај двете се негативни на коронавирус. Напоменувам, дека по добивање на првиот негативен тест тие се изолирани.

Инаку, од 27 февруари, токму поради превенција од ширење на епидемијата и имајќи предвид дека згрижуваме стари и болни лица кои се најранливи на вирусот, ги забранивме посетите во двата објекти. Од тогаш работиме карантински и во смени, односно со ротации на вработените почнавме од 16 март. Вработените, пред да влезат на работа ги тестираме и само со негативен тест се враќаат на своите работни места.

Уште еднаш сакам да ве уверам дека максимално ги почитуваме сите мерки од надлежните институции и дека и вработените и штитениците се безбедни, во добро здравје и максимално се заштитени, веи Марина Мустачки, сопственичка на домовите на стари лица „Руски“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.