Докторка-анестезиолог е една од петте новозаразени од коронавирусот во изминатите 24 часа во Куманово. Докторката информацијата за својата болест ја сподели на Фејсбук. Таа вели дека не знае од кого точно го добила вирусот, но имала контакт и со првата почината пациентка од коронавирус во земјава.
Да, позитивен ми е тестот на Ковид -19. Денес дознав. Можам само да претпоставувам од кого го добив вирусот, не да тврдам. За тоа епидемиолозите ќе се погрижат, ако можат воопшто да најдат. Имав контакт службено и со заболената која почина, имав контакти и со ’здрави‘ луѓе на работа. Не шетав никаде надвор од Македонија. Не знаеме кој е носител, а навидум е здрав. Никој не сака свесно да пренесе некому, затоа седете дома. Вие кои не морате да одите на работа, не одете на кафе по комшии, правете муабет на растојание од 2 метра ако веќе морате. Користете мобилен за муабет. Јас еве сега ќе бидам во карантин дома, нема да излегувам од дома, да не ми се плашат прво комшиите во влезот. Нема ни во лифт да се возам да знаат. Кеси со храна и друго пред врата ќе ми оставаат мои блиски и откако ќе си заминат ќе ја земам кесата. Не се плашам за мене, се плашам за другите. Засега сум ок, освен главоболка и лесно кашлање, немам друг симптоми“, напиша докторката на Фејсбук.
Пред два дена во Куманово почина жена, а син ѝ е позитивен на коронавирус. Претходно двата теста ѝ биле негативни. Во Куманово има осум заболени од коронавирус, а денеска 5 нови случаи. Вкупната бројка на дијагностицирани пациенти со КОВИД-19 денеска до 12.00 часот изнесува 148 лица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.