Споредувајќи дијаграми за актуелната ситуација на бројот на болни од вирусот Ковид-19 кај нас и во Италија, д-р Драган Даниловски, професор по епидеомиологија, биостатистика и медицинска информатика на УКИМ, тврди дека пикот на заразата кај нас ќе биде за две недели.
На првиот дијаграм е нашата актуелна ситуација со бројот на болни, пишува д-р Даниловски на својот ФБ профил. Ова е тој дијаграм:
На вториот дијаграм е ситуацијата во Италија. Црвената стрелка ја покажува точката на експоненцијалната крива на растот на бројот на болни, на која (се разбира грубо) се наоѓаме ние во овој момент, во послендите два-три дена. Ова е тој дијаграм:
И за лаик е видливо дека од врвот на кривата не делат околу две недели, вели д-р Даниловски.
Се разбира, ова ако преземените мерки не вродат со плод. Дали е сега јасно зошто експоненцијалната крива мораме да је исечеме, пред да почне стрмо да се качува?, пишува тој.
Во претходен пост на Фејсбук, д-р Даниловски објави дијаграм (споредба на случаи од Италија и Јужна Кореја, по возрасни категории), од кој се гледа дека младите, кои кога ќе се инфицираат, по правило се асимптоматски или имаат благи симптоми, но се главниот амплификатор (засилувач) епидемиското ширење на вирусот САРС-КоВ-2! Ова е тој дијаграм:
Ако се констатира дека затворањето на јавните локали, во кои тие се собираат, не вродува со плод, ако младите и понатаму наоѓаат начини да се дружат и со тоа невидливо го сеат вирусот, државата мора тоа да го спречи, со сите средства на принуда!
И по цена на воведување драконски мерки, кои принудно ќе ги држат луѓето дома, за вирусот да го прекине својот поход, или барем да му се забави напредувањето. И сосема е небитно како ќе се наречат тие драконски мерки – вонредна, кризна состојба, каква и да е. И сосема небитно е со кој параграф ќе ги поткрепиме и дали воопшто сме имале или не закон за тоа. Во спротивно, неизбежно ќе не снајде италијанско сценарио, пишува д-р Даниловски.
Тој оптимистички пишува дека ширењето на вирусот може да се забави, доколку луѓето практикуваат „социјално дистанцирање“, избегнувајќи јавни места и генерално ограничувајќи го своето движење. Но, без никакви мерки за забавување, вирусот ќе продолжи да се шири експоненцијално, со месеци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.