На Клиниката за хематологија со помош на Клиниката за детски болести првпат била изведена афереза на периферни матични клетки кај дете. Деветгодишниот Никола донираше матични клетки за сестра си која боледува од акутена леукемија, информрираше Министерството за здравство.

Денеска го запознав деветгодишниот Никола, голем херој и инспирација за сите нас. Тој е донатор на матични клетки за неговата сестра на која и е потребен третман со трансплантација на матични клетки. Процедурата афереза на периферни матични клетки, во која донатор е дете, се изведува за прв пат кај нас на Клиниката за хематологија со помош на Клиниката за педијатрија. Сега пациентите нема да патуваат во странство, а и децата ќе може да спасуваат животи на членови на нивните семејства, објави министерот за здравско Венко Филипче на Фејсбук.

На Клиниката за хематологија, во период од 3 години се реализирани над 150 трансплантации, од кои 6 хаплоидентични трансплантации, 20 трансплантации од несроден донор, најсложени интервенции заради кои во минатото пациентите биле праќани за третман во странски центри.

Резултатите од третманот со овие интервенции се идентични со оние од европските центри за трансплантација и се пријавуваат во базата на Европската група за трансплантација на матични клетки (ЕБМТ) во која членува и тимот за трансплантација на клиниката од 2003 година. За оваа заложба, посветеност и екпертиза им честитам на моите колеги, напиша Филипче на Фејсбук.

Министерството за здравство информира дека на Универзитетската Клиника за хематологија, во соработка со Универзитетската Клиника за детски болести денеска се реализира и афереза на периферни матични клетки кај деветгодишно дете, ХЛА ДНК идентичен донор на матични клетки за сестра која боледува од акутна леукемија и на која и е потребен третман со трансплантација на матични клетки. Со оваа соработка се отвара можност и педијатриски пациенти и донори да бидат лекувани со овие најсофистицирани медицински интервенции.

Во тек на оваа недела на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија се реализираше меѓународна едукација за клеточна сепарација (афереза) и колекција на периферни матични хематопоетски клетки, донорски лимфоцити и плазмафереза, методи кои ќе се користат во третман на болните со малигни и немалигни хематолошки заболувања. Едукацијата ќе ја реализираат лекари специјалисти од Клиниката за хематологија и Клиниката за детски болести со помош на странски експерт. Ова е втора меѓународно акредитирана едукација која се спроведе на клиниката во изминатиот период со цел да се воведат нови тераписки методи кои претходно не се изведувале на клиниката. Екстракорпорална фотофереза, афереза на периферни матични клетки кај адултни и педијатриски болни и донори, колекција на донорски лимфоцити и плазмафереза се процедури кои се применуваат во трансплантационата хематологија за третман на малигните хематолошки заболувања или компликациите по трансплантација како што се акутен и хроничен тип на графт верзус домаќин болест.

На 15 септември 2021 година клиниката ќе го одбележи своето искуство од 21 година со трансплантација на хематопоетски матични клетки и реализирани 615 трансплантациони процедури.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.