Би сакала да им посочам на родителите денес, дека врвниот спортски резултат не треба да биде најголемата причина, при одлуката да го вклучат детето во спортски активности, туку последица. Спортот има многу други вредности значајни за таа фаза. Преку спортот другаруваат, се учат на самостојност, дисциплина и емоционална контрола, го развиваат интелектуалниот капацитет, стекнуваат вештини за функционирање во тим, се наоѓаат во позиција да носат одлуки во определен временски интервал, се соочуваат со пораз и градат способност за негово надминување, опстојуваати кога е тешко, вели професорката по спорт и туризам
Децата своето слободно време доминантно го поминуваат во седенарни активности како гледање телевизија, играње на компјутер или мобилен телефон, покажуваат истражувањата. Во услови кога има спортски клубови на секој чекор и во скоро секој спорт, а резултатите се поразителни, што значи занимавање на секое дете со спорт? Како тоа понатаму се одразува во нивниот живот преку учењето, дисциплината, справувањето со потешкотиите во животот, авторитетите? На овие прашања одговара проф. д-р Лиза Пантековска, од Факултетот за спортски менаџмент при ФОН.
Спортските клубови, макар биле на секој чекор, се прва линија на борба со последиците на технолошкиот развој, а кои се евидентираат на дневна основа, најмногу преку прекумерната телесна тежина и појавата на телесни деформитети, и не помалку и преку отуѓеност и отежнатата комуникација кај децата, вели професорката по спорт и туризам.
Според Пантековска, слободното време е постиндустриска придобивка, а неговата структура влијае како врз индивидуалниот, така и врз општествениот развој.
Затоа, би сакала да им посочам на родителите денес, дека врвниот спортски резултат не треба да биде најголемата причина, при одлуката детето да го вклучат во спортски активности, туку последица. Спортот има многу други вредности значајни за таа фаза. Преку спортот другаруваат, се учат на самостојност, дисциплина и емоционална контрола, го развиваат интелектуалниот капацитет, стекнуваат вештини за функционирање во тим, се наоѓаат во позиција да носат одлуки во определен временски интервал, се соочуваат со пораз и градат способност за негово надминување, опстојуваат и кога е тешко. Сето ова, заедно со изградената навика за физичка активност, подоцна се пресликуваат во животниот развој и овозможуваат успешно соочување со предизвиците кој тој ги носи, вели во интервју за „Република“ Пантековска.
проф. д-р Лиза Пантековска
Нејзино поле на интересирање е спортскиот туризам, спортската анимација и рекреација.
Пантековска потсетува дека првите аналогни појави на туризмот се поврзани со форми на спортска активност, а тоа се Античките олимписки игри (776 пр.н.е.), па се чини дека оваа поврзаност е отсекогаш.
Поврзаноста на спортот и туризмот варира низ различни историски периоди и е условена од привилегијата на слободното време и слободните парични средства. Првите академски записи за поврзаноста на спортот и туризмот се забележуваат во 60 – те и 70 – те години, но вистинскиот интензитет на научно истражувачки трудови се бележи од 90 – тите години и трае до денес. Од нив може да се констатира дека развојниот тренд на туристичките движења во насока на содржинска исполнетост доживува интензивни промени во периодот од доцните `60 – те до доцните `80 – те години со вклучување на одредени фиизчки активности како пешачење, планинарење, пливање, едрење, тенис за да во периодот по `90 – тите, спортската вклученост во содржинските активности на туристичките движења, се јавува до степен што терминот спортски туризам се „економизира“, објаснува Пантековска.
Спортските клубови, макар биле на секој чекор, се прва линија на борба со последиците на технолошкиот развој, смета Пантековска
Во последната деценија се поактуелни се спортските кампови на кои учесниците стекнуваат дополнителни знаење за спортот кој го практицираат. Пантековска смета дека можеби тие се идеалната форма на спортски туризам на кој треба да се работи во Македонија.
Па, доколку се навратиме на она што од ресусри поседуваме, и какви се побарувањата на таа категорија на спортски туристи, тогаш тие се можеби идеалната форма на спортски туризам на која треба да работиме. Но, таа се реазбира не е единствената. За да Ви одговорам на тоа што сѐ е форма на спортски туризам, би сакала само да ги посочам димензиите на кинезиологијата, односно науката за движењето, а тоа се физичкото и здравствено воспитување, спортот, рекреацијата и кинезитерапијата. Во сите од овие димензии физичката активност има различна цел. И, во секоја од нив егзистираат форми на спортски туризам. Па така, покрај спортските кампови, спортските случувања, спортските семинари, различни рекреативни програми, спортската анимација, спортските подготовки, медициските активни програмирани одмори се форми кои влегуваат во спортски туризам. Постојат повеќе класификациски шеми на спортски туризам кои во зависност од аспектите кои авторот ги аналаизирал се препокриваат целосно или делумно. И, покрај најшироката класификација на активен и пасивен спортски туризам, би сакала кон формите да ја додадам, онаа на Гибосн, носталгија спортски туризам, која егзиистира во светот, но не и кај нас, чии ресусри за развој се спортски музеи или спортски објекти од историско значење, вели Пантековска.
Во практикумот „Основи на спортски туризам“ кој проф. д-р Пантековска неодамна го објави таа пишува и за можностите кои Македонија ги нуди на полето на спортскиот туризам.
Во Македонија има позитивни примери на спортски туризам. Проблем е во нивната препознатливост. Кога мислам на препознатливост, тоа првенствено се однесува на вистинската идентификација на спортскиот турист, односно кој се влегува во таа категорија. Во зависност од формата на вклученост, спортскиот турист може да биде активен и пасивен. Така што најгрубо кажано, спортистите на сите нивоа, нивната логистика, посетителите (публиката) влегуваат во оваа категорија. Ние имаме статистичка методологија на свекупно генерирање на бројот на туристи, така што е навистина тешко да се заклучи која форма на туризам, колку партиципира во таа севкупност. Тоа важи и за спортскиот туризам. Од друга страна, тие позитивни примери не се резултат на синергиско и институционално дејствување на двата сектори и тоа за волја на вистината не е карактеристика само кај нас. Надминувањето на таа независност во дејствувањето е предизвик и на многу поразвиени туристички дестинации од нашата. Во оваа насока, не смее да остане незабележана можноста за субвенционирање на форми на спортски туризам од страна на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, како и нивната иницијатива за изработката на Подстратегијата за развој на спортски туризам во 2014 година. Спортските случувања поради нивната јавност се најпрепознатливата форма на спортски туризам. Посебно оние поголемите имаат најголема туристичка вредност, не само преку бројот на ноќевања, туку и како можност за јанење на дестинациски бренд. Притоа, свесноста за дестинацијата расте уште при добивање на организацијата, но што е уште поважно, покрај периодот на нејзино одржување, ефектите се чувствуваат и по нејзиното завршување. Супер Купот во 2017 година е еклатантен пример за тоа. Но, тука завршува некаде, приказната за спортските случувања кај нас кои влегуваат во категоријата каде посетителите (публиката) односно пасивните спортски туристи го надминува бројот на учесниците, активните спортски туристи. Но, тоа не значи дека сите останати случувања кај нас, немаат своја туристичка вредност. Таа генерално се темели на нивниот традиционален карактер и вонсезонски потенцијал . Скопскиот маратон е еден од примерите или пак репрезентативните случувања во младинските категории, балкански, европски, или светски шампионати, од различни дивизии. Се поголема активност има на полето на спортските подготовки, како и во делот на рекреативни активности базирани на природни ресурси (планински велосипедизам, планинарски тури, велосипедски тури). Спортот и туризмот се комплексни, мултидисциплинарни дејности и нивниот производ не е резултат на единствен производствен процес. Затоа заживувањето на кластер за спортски туризам, е од големо значење. На терен постои иницијатива, само потребно е да ја поттикнеме тимската работа, вели Пантековска.
Се поставува прашањето дали имаме и колку е важна инфраструктурата во спортскиот туризам?
Кога зборуваме за инфраструктура, не е клучен квантитетот, колку имаме, туку квалитетот, што имаме. Литературата забележува дека не е конкурентна онаа дестинација која има поголем број на ресурси, туку онаа која подобро управува со нив. Тоа не се однесува само на спортската инфраструктура, пред сѐ на спортските објекти туку и на другите компоенти на туристичката понуда: природни атракции, сообраќајната достапност, туристичкото посредништво, угостителските и други капацитети на дестинацијата (како здравствени или безбедносни на пример). Потребна е стандардизација на спортскиот туризам, таа ја диктираат меѓународните спортски федерации, и делумно или целосно се препокрива и со личните стандарди на сите категории на спортски туристи. Оваа стандардизација глобално се однесува на спортските објекти, сместувачките капацитети, временско просторна одалеченост меѓу нив и гастрономската понуда. Истражувањата на терен покажуваат дека ни недостасува јасна категоризација и мапирање на спортските објекти. Искуствата велат дека мал број од нив обезбедуваат стандарди за посериозни меѓународни натпреварувачки и тренажни активности. Но, тоа не значи дека не можеме да имаме раздвижување со активностите кај другите категории на спортски туристи, покрај врвните, завршува Пантековска.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.