Eпидемиологoт проф. д-р Драган Даниловски за МКД.мк вели дека прележаните, во принцип, ако имаат антитела преку референтната вредност, нема потреба да се вакцинираат.

Ќе им биде поттик на имунитетот во пресрет на делта-сојот. Проблемот е, наспроти сите мои укажувања, во тоа што кај нас сертификат за целосна имунизација сѐ уште не издаваат само со една доза кај прележаните, вели Даниловски.

Професорот во однос на некаква статистика, процена за тоа како медицината треба да се однесува кон прележаните, вели дека тоа се прави во Шведска, Холандија, Швајцарија…

Проблемот е што Светската здравствена организација и понатаму инсистира на две дози и кај прележаните. А кај нас се држат до препораките на СЗО. Науката вели ако прележан добие само една доза, тој развива многу посилен имунитет од непрележан вакциниран со две дози. Ова се непобитни факти. А тоа најдобро ќе го видиме есенва и зимава. Бројот на инфекциите ќе расте, ефективниот репродуктивен број е дури 1,75. И меѓу нив ќе има и невакцинирани и вакцинирани со две дози. Хоспитализираните апсолутно доминантно ќе се регрутираат од редовите на невакцинираните и вакцинираните со една доза. Исто и кај починатите, вели Даниловски.

Најавените рестрикции за невакцинираните немаат стручно опрвдување затоа што, тие, додека се мнозинство, ќе бидат доминантни извори на зараза.

Но со зголемување на бројот на вакцинирани, тие ќе почнат да предоминираат. Зошто? Затоа што вакцините не штитат стопроцентно од заразување. Ама дефинитвно штитат близу сто отсто да не завршите на респиратор или на гробишта. Постои кај нив веројатност од 30-40-50 отсто, и повеќе проценти да се заразат. Ама ќе поминуваат лесно или без симптоми. И ќе се движат наоколу. И ќе бидат подвижни извори на зараза, вели тој.

И ако е така, кој од кого треба да стравува? Сигурно не вакцинираните од невакцинираните. И да се заразат, најверојатно ќе поминат лесно. Обратно! Невакцинираните се тие што ќе поминат како ‘боси по трње’ ако го фатат вирусот. А заканите ќе им бидат од две страни: од други невакцинирани заразени и некои вакцинирани заразени… Каква смисла има тогаш да се ограничуваат во движењето? Во ситуација кога се достапни вакцините, секој треба да се остави да си донесе одлука самиот што ќе прави со себе… Есенва ќе се уверат на своја кожа, вели во изјавата за МКД.мк Даниловски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.