Короната не постои, маските можат да убијат, вакцините содржат микрочипови, опасни се и имаат штетни ефекти – на овие и безброј слични дезинформации наидуваме секојдневно во инфодемијата поврзана со пандемијата со Ковид-19. Дел од нив нанесуваат мошне штетни последици по општото здравје и ја разнишуваат довербата на луѓето во врска со сè што се презема за да се спречи пандемијата со Ковид-19.
Инфодемијата за Ковид-19 се шири паралелно со ширењето на вирусот и последиците од него. Медиумите непрестајно пласираат вести, јавноста е преплавена со информации помеѓу кои често знае да се најде и некој непроверен факт што дезинформира и под притисок на „безизлезната“ ситуација, често станува вистина во која веруваат многу луѓе.
Сето тоа ги води граѓаните до неверување на постојните мерки и препораки и загрозување на своето и здравјето на околината. Сè поради една (дез)информација.
Советот за етика во медиумите продолжи да добива претставки и во текот на пандемијата, со тоа што најголемиот дел од нив, како што велат, се однесувале на едностраното и на сензационалистичкото информирање во медиумите.
– Се пријавуваа новинарски содржини во коишто се пласирале информации за постоењето евентуален лек против короната, содржини што ги поддржуваат таканаречените теории на заговор, непроверени информации од социјалните мрежи, потоа текстови во коишто се поврзани со политички пресметки и обвинувања во однос на начините на справување со пандемијата, и така натаму, вели Марина Тунева, извршна директорка на СЕММ.
Професорот д-р Никола Пановски вели дека на почетокот од пандемијата, 30 проценти од населението во земјава не верувало дека воопшто постои болеста, а по 5.500 смртни случаи, 10 проценти сè уште не веруваат во тоа. Дел од вината тој ја лоцира во неснаоѓањето на Светската здравствена организација со контрадикторни и, според него, честопати ненаучни ставови.
– Еве само еден пример, науката докажува дека природно стекнатиот имунитет е долготраен, веројатно доживотен, а СЗО форсира вештачки имунитет кај сите, вклучително и кај прележаните, што е спротивно на сите досегашни искуства, вели тој.
Така, кај нас врз база на оваа дезинформација, како што вели, пред сè, се вакцинираа прележаните и природно имунизирани. Како друг пример д-р Пановски го издвојува носењето маска на отворено, кога лицето е сосема само, со образложение дека вирусот се ширел од улична прашина, при што посочува дека тоа некој ќе си го објасни со „ни пуштаат вирус преку авиони“.
– Дел од луѓето се плашеа да одат во болница, огромен дел сè уште се плашат да примат вакцина. На пример, дезинформациите за „Астра-Зенека“, кои пред сè, беа мотивирани од финансиски причини, однесоа десетици животи во март годинава, кога тие одбија да ја примат, па ги зафати пролетниот бран, вели д-р Пановски.
Пласирањето дезинформации поврзани со Ковид-19, помеѓу битката да се биде прв и мотивот да се „оцрни“ политичкиот противник
Битката да се биде брз во објавувањето одредени информации, предизвика објавување непроверени информации, кои често знаеја да предизвикаат паника.
Ова го потврдуваат од СЕММ, при што велат дека таа битка изискува да не се верификуваат содржините на коишто се наидува, а особено доколку тие потекнуваат од социјалните мрежи. Понатаму, како што велат, имајќи предвид дека дезинформациите се „плод“ на свесната намера за ширење погрешни информации, јасно е дека тие се создаваат и со некаков мотив, било да е тоа мотив да се „оцрни“ политичкиот противник, да се поткрепат „теориите“ дека коронавирусот не постои или дека е нечија измислица, да се поддржат „антиваксерските“ ставови итн. Понекогаш, дополнуваат, таквите содржини произлегуваат и кога постои таканаречен информативен вакуум, односно недоволно и нередовно информирање во јавноста од надлежните институции или, пак, кога постои ограничен пристап до информации.
Д-р Пановски, пак, вели дека лицата што не веруваат во постоењето на вирусот, се и негови главни пренесувачи.
– Кога на огромниот број дезинформации и лажни вести ќе се накалеми СЗО со препорака за носење ракавици кај целото население, мерка што нема врска со здравиот памет, се случува тоа што се случи, или кога им требаа шест месеци за да прифатат дека вирусот се шири преку аеросоли, па да препорачаат носење маска, вели тој.
Вакцината за имунизација од дезинформации постои, важно е да се почитуваат препораките
Струката и науката, пред сè, без калкулации, финансиски или политички мотивирани. Искреноста и вистината, ги издвојува Д-р Пановски како неопходни во справувањето со ширење дезинформации поврзани со Ковид-19. Објаснувањето и одговорите, дијалогот, упорноста, фактите и бројките ги издвојува како неизоставен дел од таа цел.
Од СЕММ велат дека е мошне важно откако ќе се препознаат таквите содржини, да не се споделуваат, а со тоа и да се спречи нивното натамошно ширење.
– Многу е важна улогата на медиумската писменост и создавањето вештини за критичка процена на новинарските содржини што на луѓето ќе им помогнат да проценат што е она што го заслужува нивното внимание, а што е она што треба да биде отфрлено, велат оттаму.
Како дел од решенијата за овие проблеми, ги издвојуваат користењето алтернативни извори на информации, веродостојни и проверени извори на информации, внимателно консумирање на содржините од социјалните мрежи.
Сите овие дезинформации и нивното мултиплицирање преку префрлувањето од еден медиум на друг, стигнаа до широката публика и предизвикаа сериозни промени на ставовите и на однесувањето кај луѓето, до степен да предизвикуваат штети по нивното и по здравјето на другите. Имунизацијата против дезинформациите за Ковид-19 е неопходна, тоа го покажува и Индексот на медиумска писменост во рамките на проектот Иницијатива за европски политики на Институтот отворено општество – Софија, кој ја сместува нашата држава на дното на ранг-листата, зад Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора и Турција.
Во Извештајот се заклучува дека подобро и функционално образование и специјализирана обука за медиумска писменост ќе обезбеди отпорност кон најтешките форми на лажни вести, а справувањето со лажните вести и со дезинформациите, ќе го намалат степенот на политичка и социјална конфронтација, ќе се зголеми нивото на доверба во општествата и ќе придонесе за поздрава животна средина за време на пандемијата со Ковид-19.
Професорот д-р Никола Пановски вели дека на почетокот од пандемијата, 30 проценти од населението во земјава не верувало дека воопшто постои болеста, а по 5.500 смртни случаи, 10 проценти сè уште не веруваат во тоа. Дел од вината тој ја лоцира во неснаоѓањето на Светската здравствена организација со контрадикторни и, според него, честопати ненаучни ставови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.