Делта сојот коси низ Македонија, бројот на заразени рапидно расте, болниците се преполни, а пациентите заразени со вирусот мака мачат да добијат преглед во ЈЗУ. Во очај за лекарска помош спас бараат кај докторите од приватното здравство. Матичниот лекар Бојан Трајковски, кој секојдневно во домашни услови прегледува по 20-тина пациенти, во разговор за ТВ Алфа признава дека состојбата со вирусот е хаотична и дека овој бран долго ќе трае. Болеста кај некои лица, вели прогресирала толку брзо, што само денеска испратил двајца пациенти на болничко лекување.
„Кај еден случај, првата контрола ја направив вчера, вчера беше комплетно чист со чист белодробен наод, здрав човек со некоја блага температура, денеска веќе имаме масивна пневмонија лоцирана лево и десно во белите дробови. За 24 до 48 часа се случува масивна разлика во однос на она што е здрава или нормална клиничка слика за еден пациент“, вели доктор Трајковски.
Не е мал бројот на млади кои по годишните одмори дома се вратиле заразени со Ковид 19, вели доктор Трајковски. Меѓу неговите пациенти имало и вакцинирани лица но кај нив болеста била со полесна клиничка слика. Сепак, признава до сега не сретнал ниту еден кој го прележал вирусот и повторно се инфицирал.
„Сите оние кои се навекцинирани, што се најголем број од случаите, некаде околу 70 до 80 проценти од позитивните се невакцинирани,кај нив гледаме една лепеза од симптоми. Еве се случува година и половина короната, но за прв пат гледаме гастроинтестинални тегоби, испреплетени со пулмонарни промени како што е пневмонија, бронхитични наоди, температура есктремно по неколку денови. Многу, многу симптоми кои до сега не очекувавме да ги видиме, особено не кај еден пациент сите тие симтоми“, додава тој.
Искуствата од прегледите на терен покажуваат дека бројот на заразени допрва ќе се зголемува, дециден е доктор Трајковски кој не ја исклучува можноста за две до три седмици дневниот број на нови случаи да надминува и по 2000. Тој вели дека опасноста од новиот тројно мутиран ламбда сој, кој веќе е детектиран во неколку европски земји може дополнително да ја влоши епидемиолошката состојба доколку дојде во Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.