Може да се очекува зголемување на бројките на новозаразени со Ковид-19, а најголеми причини се недоволниот процент на вакцинација, непочитување на мерките и студениот есенски и следен зимски бран кој ќе наложи престој во затворен простор, оценува епидемиологот Тања Мургоска Станимировиќ од прилепскиот Центар за јавно здравје.

Иако засега нема екстремни зголемувања како лани, сепак повеќе луѓе треба да се вакцинираат, вели таа.

-Ако се има предвид малиот опфат со две дози вакцина, фактот дека голем број лица кои прележале ковид може повторно да се заразат, можни се реинфекции, кај луѓето кои поминале повеќе месеци од прележувањето, и доаѓањето на студениот бран кога ќе мора повеќе да се престојува во затворен, непроветрен простор, секако треба да очекуваме во наредниот период пораст на новоинфицирани, доколку не се придржуваме на препорачаните мерки и додека не се зголеми опфатот на вакцинација, додека не го постигнеме она препорачано ниво од 80-90 проценти на примени две дози вакцина. Бројот на активни случаи во моментов во Прилеп е 419, вели Мургоска Станимировиќ.

Докторката додава дека се опфатени сите возрасти, најмногу возрасните над 65 години, како и од 20 до 39 години.

– Меѓу заразаните се и вакцинирани со две дози, но, генерално, се со поблаги симптоми и кај нив пократко трае заразата. Во модуларната болница се хоспитализирани 22 пациенти и состојбата со денови е непроменета. Од почетокот на овој месец забележан е пораст на новозаразените. Во првата недела од ноември беа 187, а минатата 185 новозаболени. Во октомври просечно неделено новозаболени беа по 110. Сепак, ова не е големо зголемување и не станува збор за екстремно зголемување на бројот на новозаболени. Во споредба со лани, во ноември, кога беше пикот, неделно беа по 427 новозаразени со ковид-19, вели докторката.

Според Мургоска Станимировиќ, ситуацијата во училиштата се смета за контролирана и стабилна со сегашните бројки на новозаразени.

-Минатата недела се регистрирани 19 позитивни ученици, 72-ца се ставени во изолација. Редовно ја следиме состојбата во училиштата. Засега сметам дека е под контрола состојбата во училиштата и во овој момент сѐ уште е стабилна, вели епидемиологот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.