Д-р Мирослав Бошковски, 35-годишен матичен лекар од Куманово и специјализант по интерна медицина, претседател на ОО Куманово на Лекарската комора на Македонија донираше крвна плазма за да спаси човечки живот.
Тој беше меѓу првите заразени здравствени работници од Куманово.
Прележав Ковид-19 со средно тешка клиничка слика, но не беше ни најмалку наивна состојбата. 17 дена бев хоспитализиран на инфективното одделение во општата болница во Куманово. Штом помина минималниот задолжителен период од оздравувањето се пријавив во регистарот за донирање рековалесцентна плазма, пред околу 10 дена, но не беа сите анализи завршени за да можам веднаш да донирам, вели д-р Бошковски.
Тој е активен член на Лекарската комора која на почетокот на месецот организираше крводарителска акција помеѓу докторите која за жал, мораше да биде одложена поради наглиот скок на новозаболени од Ковид19.
Знаејќи дека сум крвна група Б+ и оздравен од Ковид19, претседателката на комората д-р Старделова ми го испрати апелот за донирање плазма кој се ширел неколку часа по социјалните мрежи. Веднаш почнавме да се јавуваме на сите назначени телефони и стапив во контакт со семејството на пациентот и д-р Грубовиќ од Институтот за Трансфузиологија и веднаш се започна со правење на сите анализи кои недостигаа. Утрово веќе беше издвоена крвна плазма и се надевам дека веќе е доставена во ГОБ „8 Септември”.
Апелирам до сите колеги и до сите граѓани кои прележале Ковид-19 веднаш по истекот на минималниот период од оздравувањето веднаш да се пријават за донирање, особено поради фактот што тоа е периодот кога заштитните антитела имаат највисок титар, апелира д-р Бошковски .
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.