По објавата на компанијата „Фајзер“ за новата вакцина против Ковид-19 се огласи и нашиот млад епидемиолог Харис Бабачиќ, кој работи на „Каролинска“ институт во Шведска.
Тој на својот Фејсбук профил напиша:
ЗА НОВАТА ВАКЦИНА
Резултатите на интерим (првична/прелиминарна) анализата на Pfizer вакцината против SARS-CoV-2 делуваат охрабрувачки. Мислам дека наскоро ќе слушаме уште добри вести…
Без да го обесхрабрам ентузијазмот, да потсетам дека клиничкото испитување во фаза 3 е сè уште во тек и треба да почекаме да ги видиме сите резултати.Доколку испитувањето заврши во целост во декември и независни тела ја потврдат точноста на процената на ефикасност, тогаш можеме да очекуваме масовното вакцинирање да започне во 2021-ва.
Доколку вакцината навистина има 90% ефикасност, тоа се одлични вести кои ги надминуваат очекувањата. Тоа би значело дека и со некои 74% вакцинирано население ќе можеме да ја сопреме пандемијата. И дека можеби ќе можеме да идеме на одмор во лето 2021-ва на раат.
Сè уште не знаеме со сигурност дали вакцината ќе ги штити ранливите категории од потешка болест и смртен исход, што мислам дека е најважна цел за една SARS-CoV-2 вакцина. Но, можеме да претпазливо го очекуваме тоа.Клучните прашања кои сите здравствени власти треба да ги отворат и искомуницираат со своите граѓани сега се: 1. Кон која цел треба да го насочиме вакцинирањето?
2. Дали е потребно да ја вакцинираме целата популација (т.е. бар 74% на пример со оваа вакцина)? и/или
3. Кои таргет ранливи групи први треба да ги вакцинираме? – Ова треба да биде приоритет и да веќе има јасен план за тоа.
4. Во зависност од тоа, дали е потребно да вакцината биде задолжителна?НАЈБИТНОТО СЕГА е да разбереме дека додека да пристигне било која вакцина (оваа или друга), имаме пред нас еден голем зимски бран на зараза со кој треба да се соочиме. Овој бран веќе е и ќе биде поголем од првиот и повеќе луѓе ќе починат.
Во исчекување на вакцината, да сега повеќе од било кога бидеме многу, многу внимателни за да на пролет имаме кој да заштитиме со таа вакцина, напиша Харис Бабачиќ.
Инаку, компаниите „Фајзер“ и „БиоНТек“ кои заедно работат на развојот на вакцина, претходно соопштија дека нивната вакцина е 90 отсто ефикасна во спречувањето на заболувањето ковид-19 во третата фаза од истражувањето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.