Бројот на починати во Македонија од ковид-19 надмина 6437. Ако оваа бројка не ви изгледа страшно, замислете за само една ипол година да ни ги снема Крушево и Вевчани. Премногу болно, премногу тажно, стои во најновата објава на д-р Нико Беќаровски, на социјалната мрежа Фејсбук.

– А, дали можеше да биде помалку кобно? Да ги заборавиме на момент протоколите, кои според едни се премногу лабави, според други премногу рестриктивни, да ги заборавиме и здравствените работници, кои според едни се убијци, според други се херои, да го заборавиме и министерот кој за некои е брилијантен, за други неспособен, да ги заборавиме и свадбите, журките, кафеаните, неодговорните граѓани, за момент да ги заборавиме и нечистиот воздух, нездравата исхрана, дијабетот, дебелината, хипертензијата итн.

Дали можеше оваа црна бројка да е барем сива? Да, секако!

Во Македонија од почетокот на јули вакцинацијата е слободна, без никакви термини и секој може да се вакцинира. Во периодот од 10 август околу 1000 наши невакцинирани граѓани починаа од ковид-19, а можеа ако сакаа да бидат комплетно вакцинирани. Сите досега објавени студии укажуваат дека ризикот од смртен исход кај вакцинираните е најмалку 11 пати помал. Место 1000 нови гробови и расплачени семејства, тој број ќе беше помал од 90. Вчера починаа 42 наши граѓани, а не мораа, само малку да ѝ веруваа на науката.

А, можете ли само да замислите колку поубав и посончев ќе беше овој септемвриски ден, да бевме свесни како Данците и да имавме 81% вакцинирани, а не тврдоглави Балканци со само 37% вакцинирани, пишува д-р Беќаровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.