Брисевите на сите вработени во градинките треба да бидат негативни, па потоа тие ќе се отворат и ќе згрижуваат деца, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Вчера официјално почна скринингот на околу 2.000 вработени во овие установи.

Денеска се регрутирани вработените во градинките кои ќе бидат тестирани. Иако првично беше планирано тоа да биде во Центрите за јавно здравје, одлучено е сепак тие да не се мешаат со оние кои што се потенцијално заразени или со симптоми и доаѓаат во центрите. Тој процес ќе продолжи и понатаму, се додека не сме сигурни дека се целосно здрави односно негативни се брисевите, нема да носиме одлука да градинките се отворат, рече Филипче.

Според министерот, скринингот би траел десетина дена, меѓутоа во следните денови ќе се анализира како ќе се одвива процесот, ќе се има предвид и можноста да се надгради капацитетот на тестовите. Градинките, како што рече, мора да се отворат во исто време.

Не може да отвораме една по една градинка. Нека почне денеска па следните денови ќе видиме. Мислам дека имаме сериозни шанси да го зголемиме бројот на тестови кои би се правеле во текот на еден ден па да заврши и за кратко време, одговори министерот Филипче.

Тој потенцира дека отворањето на градинките се уште претставува ризик, затоа што станува збор за сензитивна група, односно за малите деца.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.