Бремена жена, која се вратила од Шведска, заедно со нејзиниот свекор се заразени со делта стојот на коонавирусот и се хоспитализирани една од приватните клиники во земјава, објави „Слободен печат“. 

Се чекаат резултати од ковид тестот на уште шест или седум членови на ова семејство кои што имаат симптоми, откако „делта“ варијантата била потврдена кај свекорот и снаата.

И свекрвата вчера била хоспитализирана на истата клиника, меѓутоа не е потврдено дека е заразена со делта сојот како што е потврдено за нејзиниот сопруг.

Освен овој потенцијален кластер, во истата клиника хоспитализирани се и брачни сопружници, од кои едниот се вратил од Ирак и е позитивен на „делта“ сојот. Неговата сопруга исто така е хоспитализирана.

Во Македонија до вчера беа регистрирани десет случаи заразени со делта сој на коронавирусот. Ниту еден од заразените не бил вакциниран.

Министерот за здравство Венко Филипче инсистира дека и кај нас, сега кога вакцината им е понудена на сите, веќе не можеме да живееме затворени.

Со вакцините, граѓаните ќе се заштитат себеси, така и да е присутен вирусот и да дојде некоја нова мутација, ако се заразат ќе имаат лесна форма на болеста, веројатно форма на некаква настинка, потенцира министерот.

Вчера професорот од Фармацевтскиот факултет д-р Александар Димовски од Центарот за генетско инженерство и биотехнологија „Ѓорѓи Ефремов“ изјави дека државата не треба да се затвора и дека вакцинацијата спречува тешка форма на болеста.

Јас сум оптимист со искуство, уште година две ќе се занимаваме со ова заболување, но се надевам дека нема да биде во онаа форма која беше, вели тој.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.