Урбани моторџии облечени во елегантна облека и уникатни мотори денеска четврти пат ќе дефилираат низ Скопје, обидувајќи се да ја издигнат свеста за машкото здравје и за превенција од ракот на простатата.

Тие се дел од глобалното движење „Возење на истакнати џентлмени“ (The Distinguished Gentlmens Ride), кое годинава ќе се одржи во над 690 градови во повеќе од 110 држави низ светот, а ќе учествуваат над 100 илјади џентлменски облечени мажи и жени кои ќе ги управуваат своите класични и стилизирани мотоцикли.

Елегантните моторџии ќе поминат низ главните булевари во централното градско подрачје во периодот од 11:30 до 14 часот, а оние што ќе сакаат да ги видат, ќе можат тоа да го сторат околу 12 часот кај „Жена парк“.

Меѓу хуманите моторџии кои не само што ќе дефилираат низ Скопје, туку и ќе донираат средства во фондацијата „Мовембер“ во Лондон за борба против ракот на простатата, има доктори, професори, личности од јавниот живот…

Најуспешните донатори ќе бидат наградени со вредни награди што го имаат логото на движењето, а годинава првпат ќе биде доделена и слика од уметник, кој ќе го наслика настанот од своја перспектива.

Скопје годинава е и единствениот град во светот што во знак на одржувањето на настанот има брендиран двокатен автобус што вози низ градските улици.

Глобалното движење почна во 2012 година во Сиднеј кога Марк Хава облечен во фин машки костум заедно со свои пријатели одлучи да дефилира низ улиците на градот во чест на негов пријател кој починал од рак на простатата. Оттогаш движењето од година во година станува сè помасовно, со сè поголем број градови и учесници. На годишно ниво глобално се собираат околу 20 милиони долари што преку фондацијата „Мовембер“ се донираат во оние институции и болници што се фокусирани на борбата за заштита на машкото здравје и борбата против рак на простатата.

Настанот се организира секогаш последната недела од септември според опредени правила и мора да има одлики што се специфични за самото движење како уникатни мотори и елегантен дрес код составен од палто, вратоврска, елек, елегантни чевли и задолжително кацига за безбедност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.