Дополнителна дејност за искористување на геотремалниот потенцијал во регионот ќе добие Општата болница со проширена надлежност во Кочани, најави министерот за здравство, Венко Филипче при неговата работна посета на општината.
По интензивни преговори со локалната самоуправа и со градоначалникот, Општата болница во Кочани ќе добие нов сегмент во делот на бањското лекување. На тој начин ќе го искористиме просторниот капацитет на болницата што досега беше неискористен, а ќе се регистрира и нова дејност – медицинска рехабилитација. Дополнително ќе се разгледаат можностите за тоа каде е најлесен пристапот до геотермалната вода, за да се инвестира во еден објект што нема да биде само центар за рекреација, туку и бања за медицинска рехабилитација. Сметам дека поставеноста на Кочани во источниот дел на државата е одлична и ќе може да понуди ваква услуга не само за пациентите од регионот, туку и за целата држава, истакна министерот Филипче.
Според министерот, со измените што претходно беа направени во работењето на кочанската болницата и со воведувањето нови здравствени интервенции, веќе се постигнати позитивни финансиски резултати.
Отворањето на центарот за третман на пациенти на кои им е потребна ампутација значајно го подобрија буџетот на болницата, па од 60 отсто, буџетската реализација порасна на над 90 отсто. Тоа овозможи да се инвестира во специјализации на лекарите и да се разгледуваат нови опции за имплементирање нови техники, а во најкраток период ќе инвестираме во нови апарати за анестезија, додаде Филипче.
Покрај мобилниот сервис за домашна грижа за граѓаните, во кој Кочани беше прва општина во државата, министерот Филипче нагласи дека се разгледуваат и можностите за функционирање на мобилна аптека, особено по укинувањето на квотите за лековите, а со цел тие да им се направат што подостапни на потешко болните, неподвижните и на хронично болните пациенти.
Миниситерот истакна дека за потребите на болницата во Кочани, во моментот на специјализација се наоѓаат 12 лекари кои потоа ќе бидат ангажирани во оваа здравствена установа.
Градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев истакна дека Општината веќе има определено локација на која би можеле да се изградат објекти и базени за бањска и медицинска рехабилитација, а останува отворено прашањето за финансирање на таквиот зафат.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.