На вчерашната прес-конференција, министерот за здравство Венко Филипче изјави дека од четвртокот до петокот се направи таргетирано тестирање, при што анализата покажа дека болеста тесно се шири во рамки на кластерите, но има и одеден број на нови неповрзани случаи кои исто така се следат постојано и активно се тестираат нивните контакти. Министерот предупреди дека не мора да значи дека нема и надвор од кластерите заболени или нивни контакти кои можеби не се пријавени или лоцирани и затоа остануваме максимално претпазливи.

Несомнено е дека имаме втор силен пик кој е резултат на непочитување на мерките за собири и групирање. Но, зголемениот број на заболени може да се каже дека е очекуван и заради скрининг пристапот кој сега го имаме. Денес имаме и највисок број на тестови во 24 часа. Практично ако претходно се чекаа симптоми за да се тестира сега активно тестираме контакти на болните и уште во рана фаза ги детектираме. Ова значи дека може да регистрираме поголем број заболени на дневно ниво, но пикот ќе трае пократко заради раната детекција. Иако бројката на заразени е висока, добро е што се шири во рамки на кластерите и од оние кои се веќе во изолација. Сепак, имаме спорадично ширење на болеста и во други општини во Скопје како и во некои нови општини, што упатува на тоа дека мора да бидеме исклучително претпазливи, строго да се држиме до мерките и да носиме мудри одлуки за следните чекори, изјави Филипче.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.