Под мотото „Безбедни и ефективни лекови за сите“, денес се одбележува 25 септември, Светскиот ден на фармацевтите. Изборот на годинашното мото е со цел да се промовира улогата на фармацевтите во заштитата и безбедноста на пациентот преку подобрување на употребата на лекови и намалувањето на медицинските грешки.

Одговорноста на фармацевтите е огромна, како во обезбедувањето квалитетно, безбедно и ефикасно лекување на пациентите, така и во делот на превенцијата од појава на грешки и намалување на бројот на несакани реакции од лековите. За да можат фармацевтите да одговорат на овој голем предизвик, неопходна е, пред се, солидна едукација, но и широк дијапазон можности за нивно вклучување во различните процеси на лекување и обезбедување на пациентите со лекови, вклучувајќи го и индивидуалното советување придружено со следење на несаканите ефекти од лековите.

Фармацевтската комора на Македонија, како самостојна, професионална организација на фармацевтите, ги застапува и заштитува интересите на своите членови. Рамноправно учествува заедно со државните органи, универзитетите и другите институции во активностите за обезбедување соодветна положба и улога на фармацевтите во општеството, како и во подготвувањето на законската регулатива од областа на здравството и во утврдувањето стручни ставови за вршење на фармацевтската дејност.

Комората, истовремено, ја следи работата на дипломираните фармацевти во поглед на почитување на начелата на фармацевтската етика и применување на стандардите и квалитетот во работата, се грижи за одбрана на честа и независноста на фармацевтската професија, а ја поттикнува и соработка меѓу своите членови со другите домашни и странски асоцијации.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.