Германскиот министер за здравство, Јенс Шпан, тврди дека патувањата во посета на роднините на Балканот и во Турција минатото лето го иницирале вториот бран на коронавирусот во Германија. Весникот “Die Welt” детално ги анализирал бројките и го демантирал заклучокот на Шпан, пренесува “DW”.

Извлековме поуки од минатото лето, рекол неодамна германскиот министер за здравство Јенс Шпан за таблоидот “Bild”.

Според неговите зборови, имало периоди кога “50 проценти од новозаразените со коронавирус во Германија биле увезени”, и тука Шпан посебно го спомнал враќањето на луѓето кои живеат и работат во Германија, а имаат семејства на Балканот и во Турција. Тие зарази, како што рекол, придонеле за избивање на големиот втор бран на коронавирус во Германија.

Изјавата наишла на осуда. Во турската заедница во Германија велат дека станува збор за стигматизација на цела група граѓани.

Скандал е што еден германски министер отворено го става Балканот на столбот на срамот и со тоа ги понижува луѓето со мигрантски корени”, рекол за “Bild” албанскиот премиер Еди Рама.

Во Министерството за здравство на Шпан останале на своето. На прашањето на дневниот весник “Die Welt”, велат дека изјавата на министерот за темели на два извештаи на Институтот „Роберт Кох”. Во едниот, објавен на крајот на август, било анализирано каде се заразувале луѓето во четири ударни летни недели меѓу 27-ми јули и 23-ти август минатата година.

Весникот “Welt” сега детално ги анализирал тие бројки. Тие недели имало вкупно 10.378 зарази во странство – повеќе од половина на Косово, во Хрватска и во Турција. Меѓу десетте први земји, освен Шпанија и Турција, сите останати се балкански.

Како што пишува весникот, без да се сметаат Шпанија и Хрватска, во останатите земји Германците не одат масовно на одмор, па може да се претпостави дека станува збор за луѓе кои живеат во Германија, а потекнуваат од Балканот.

Но, новинарите на “Welt” сепак изјавата на Шпан ја нарекуваат бајка, бидејќи, како што пишуваат, експоненцијалниот раст на бројот на зарази, односно вториот бран на коронавирус во Германија, почнал значително подоцна – почетокот на октомври.

Не верувам дека повратниците од странство масовно придонеле за пандемиските настани, рекол за весникот Мартин Штример, виролог од Универзитетот во Франкфурт.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.