Англиските власти објавија дека ќе понудат бесплатна испорака на витамин Д на околу 2,7 милиони граѓани кои припаѓаат на ризични групи.
Витаминот Д е неопходен за правилно функционирање на имунолошкиот систем, поради што многу експерти веруваат дека веројатно ќе помогне да се намали ризикот од инфекција или развој на посериозни симптоми на ковид-19.
Властите денес објавија дека автоматски ќе испраќаат витамин Д во сите домови за стари лица низ Англија. Покрај тоа, тие ќе го понудат овој витамин бесплатно на ризични групи кои потоа ќе одлучат дали ќе го земат.
Испораките на четиримесечното снабдување со витамин Д ќе започнат во јануари, пишува Скај њуз.
Секој треба да зема 10 микрограми витамин Д на ден помеѓу октомври и март, според Агенцијата за јавно здравје на Англија и нагласува дека внесувањето на овој витамин е особено важно за постарите лица кои не поминуваат толку многу време на отворено.
Имено, повеќето луѓе можат да внесат доволно витамин Д помеѓу март и септември преку изложување на сончева светлина, но во текот на остатокот од годината многумина немаат доволно. Дополнително, постојат стравувања дека поради пандемијата, многу граѓани поминале повеќе време во безбедноста на своите домови и помалку на отворено, што може да влијае на количините на витамин Д во организмот.
Многумина од нас оваа година поради пандемијата поминаа повеќе време во затворен простор и може да имаме недостаток на витамин Д. Владата сака да им обезбеди на ранливите групи пристап до бесплатно снабдување со овој витамин, што треба да им потрае во текот на мрачните зимски месеци. Ова ќе го подобри нивното здравје, ќе ги зачува коските и мускулите здрави и, следствено, ќе го намали притисокот врз нашиот здравствен систем – рече министерот за здравство Мет Хенкок.
Треба да се напомене дека прекумерното внесување на витамин Д може да има штетни ефекти врз организмот и затоа е важно да се придржувате до препорачаните дози.
Симптомите на прекумерно внесување на витамин Д вклучуваат повисоки нивоа на калциум од нормалните што можат да предизвикаат дигестивни потешкотии, повраќање, гадење и болки во стомакот, како и замор, вртоглавица, често мокрење и проблеми со бубрезите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.