Првото детектирано лице со овој вирус беше во почетокот на јануари, лице кое лежело во болница поради други околности, а вирусот бил откриен подоцна. Во Јапонија речиси два месеци се одвиваше драмата на бродот Diamond Princess, на кон имаше и наши тројца граѓани кои за среќа се добро. Јапонија многу рано се соочи со вирусот и имаше можност да ги види ефектите од него на бродот, каде се рашири со молскавична брзина.

Ова е само дел од интервјуто за „Независен“ на Андријана Цветковиќ, првата македонска амбасадорка во Јапонија, каде живее веќе 15 години. Таа вели дека во Јапонија погодени беа илјадници луѓе, а она кое се извлече како заклучок беше дека 75 отсто од заразените имале благи симптоми, или никакви симптоми што е опасно, бидејќи тие не знаејќи понатаму го шират вирусот.

Јапонија не ги затвори своите граници, но го ограничи влезот на патници од определени делови од Кина, а туристичките агенции им ги откажаа сите аранжмани на кинеските туристи, кои особено во голем број ја посетуваат Јапонија во последниве години. Јапонија беше една од првите која на почетокот на фебруари ги затвори сите училишта, градинки и универзитети. Целата едукација брзо беше префрлена онлајн. Родителите во почетокот негодуваа на оваа одлука, која во тој момент се чинеше претерана, но мислам дека сега се благодарни на владата. Мерката важи до почетокот на април, но сметам дека ќе се продолжи. Како што знаете летово требаше да се одржат Олимписките игри во Токио, и целата држава се подготвуваше за овој настан, кој од завчера официјално се презакажа за следната година.

 

Овој викенд сите сме затворени дома, бидејќи градоначалникот на Токио госпоѓа Коике, на прес конференција замоли сите да седиме дома и да внимаваме да не се рашири вирусот во овој клучен период. Мора да забележам дека минатава недела многу луѓе во Токио сосема заборавија на вирусот и, намамени од убавото време, почнаа да излегуваат по ресторани, шопинг центри, паркови…Тоа мене вистински ме загрижи, и морам да предупредам истото да не се случи и кај нас. Знаете, на луѓето ќе им здодее да седат дома по еден месец, и бидејќи ситуацијата ќе се чини дека е под контрола, сите ќе сакаат да се вратат на нормалното живеење. Тука веднаш се забележа раст на бројот на регистрирани случаеви, и властите веднаш реагираа. Се уште не е прогласен полициски час, или вонредна состојба во Јапонија, но не се исклучува можноста истото да се случи наскоро, доколку бројот на заболени продолжи да расте.

 

Јапонија исто така има доста конзервативен пристап кон тестирањето, т.е. се тестираат само лица со определени симптоми, ако имале покачена телесна температура во текот на 4 дена, ако биле во контакт со други лица заболени од вирусот и слично. Постојат неколку објаснувања за тоа, дека приоритет се дава на лицата кои имаат сериозни симптоми и се во напредната возраст, и дека се очекува со тек на време да се создаде колективен имунитет на населението. Има голем број на луѓе кои се сомневаат дека го прележале вирусот во декември и јануари, но воопшто не биле свесни за тоа. Како што реков, многумина ќе имаат само благи симптоми, но сепак симптомите на овој вирус можат точно да се препознаат во споредба со други вируси. Во Јапонија веќе се појавија тестови кои можат да го детектираат вирусот во рок од 15 минути, и можно е оваа забрзана метода да ги охрабри медицинските власти да тестираат повеќе.

Целото интервју тука.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.