Градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и заменикот министер за здравство д-р Арменд Арслани, денеска ги посетија родилката и првите родени бебиња – близнаци на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје.
Првпат на Клиниката во новата година имаме раѓање на близнаци. Тоа ќе ја одбележи 2020 година, а се надевам дека таа ќе биде побериќетна и посреќна. Првото од близначињата што се роди во 00.01 часот е девојче, тешко 2360 грама и долго 47 сантиметри, а второто кое се роди во 00.03 часот е машко, тешко 1760 грама и долго 46 сантиметри. Бебињата се родени една недела предвреме, а токму предвремно родените деца се најголемите борци“, рече д-р Викторија Јовановска, директорка на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство во Скопје.
Во моментов, бебињата се во одлична здравствена состојба, исто како и мајката Снежана.
Посебно сум среќна што имаме близнаци оваа година и што сите заедно можевме да ја споделиме среќата со родителите. Тие имаат две дечиња и нашата држава има плус две дечиња и тоа само неколку секунди по влегувањето во 2020 година. И уште поважно што сакам да потенцирам е дека првото дете од близначињата е девојче. Јас очекувам 2020 година да биде успешна, позитивна и со женска енергија. Нека им е честито на родителите, нека се живи близначињата, а сите ние живи и здрави заедно, рече министерката Царовска.
Министерството за здравство континуирано е посветено за унапредување како за условите на Клиниката за гинекологија, така и во другите родилишта низ државата.
Чинот на раѓање симболизира нов почеток, нов живот и надеж за светла иднина. На родителите им упатувам искрени честитки за приновата во семејството. Во оваа прилика, сакам да истакнам дека Министерството за здравство континуирано е посветено за унапредување како за условите на Клиниката за гинекологија, така и во другите родилишта низ државата, со цел унапредување на здравствената заштита, како за новороденчињата, така и за мајките. Токму во оваа клиника, во одделот за неонатологија обезбедена е најсовремена апаратура од општествено одговорни институции. Се работи за три респираторни машини од најнова генерација за високо фреквентна механичка вентилација за новороденчиња“, изјави заменикот министер за здравство Арслани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.