Од Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ информираат дека во изминатиот период, од март до крајот на јули се извршени над 50 илјади прегледи и повеќе од 850 операции. Во просек, месечно, се реализирани 10 илјади прегледи. По прогласената епидемија на Ковид-19 во Македонија, оваа установа беше определена како болница во која се вршат хируршки третмани на пациенти кои не се инфицирани со коронавирус.
Директорот на Клиниката по хируршки болести „Св. Наум Охридски“, д-р Љубен Арсенков, потенцира дека сите пациенти се примени и ниту еден пациент не бил вратен или упатен во друга здравствена установа поради немање соодветен упат од матичен лекар или специјалист од секундарното здравство.
Направена е реорганизација на работата во поликлиниката за да се намали ризикот од трансмисија на вирусот меѓу персоналот и пациентите. По првичното работење со две ургентни амбуланти, воведено на 23 март, веќе од 18 мај се отворени сите специјалистички амбуланти, кои секојдневно функционираат и покрај тоа што нема закажани термини преку националниот систем МојТермин. Болницата функционира со кадар од 70 доктори, 85 сестри, 36 болничари, 10 лаборанти и 18 рендген техничари. Од вкупниот кадар во установата, 7.5% се ослободени во континуитет по одлука на влада (бременост, хронични болести и друго). Иако се наоѓаме во фаза на реконструкција, беше организиран и изолаторен дел, каде се хоспитализираат пациентите како итни случаи, и им се врши тестирање за инфекција со коронавирусот. Доколку состојбата на пациентот тоа го дозволува, во рок од 24 часа го имаме резултатот, по што се продолжува со третманот“, вели д-р Арсенков.
Тој појаснува дека од почеток на јули е спроведен скрининг на вработените за присуство на антитела од COVID-19 и само четири вработени имале позитивен резултат за претходно прележана инфекција. Тоа говори за успешното спроведување на мерките за лична заштита.
Инаку, во оваа установа, на 27 февруари 2020г. е формирано координативно тело за справување со коронавирусот и донесени се протоколи за работа во услови на пандемија, со кои максимално се заштитени пациентите кои се прегледуваат, како и пресоналот кој работи во клиниката.
Континуирано работиме на обезбедување адекватна заштитна опрема и услови во кои ќе продолжиме со безбедно работење, со цел подобрување на здравјето на граѓаните и обезбедување највисоко ниво на здравствена грижа, вели д-р Арсенков.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.