Дури 45 отсто од македонските адолесценти имаат здравствено ментални проблеми, почнувајќи од (не)задоволството од животот, преку психосоматските тегоби кои се манифестираат со главоболки, болки во стомакот, нервоза, избувливост и проблеми со спиењето. Овие проблеми се манифестираат со долготрајни периоди на нерасположение и дисфункционалност, кои покажуваат пораст со возраста, со сѐ поголеми меѓуродови разлики, за сметка на девојчињата.
Наодите покажуваат дека секое второ девојче на 15 години чувствувало депресивни симптоми од најмалку две недели континуирано, како и неспособност во надминување на состојбата. Во споредба со реултатите од 2014 година нема отстапувања, со мало подобрување кај момчињата, но само на 11 и 13 години, додека никакви разлики не се забележани во преодот од 13 кон 15 години, што е најклучното поле на транзиција кон зрелото адолесцентно доба.
Ова го покажува Извештајот Здравјето и добросостојбата на адолесцентите во фокус, што го објави Регионалната канцеларија на СЗО за Европа. Извештајот содржи исцрпни податоци за физичкото здравје, социјалните односи и менталната добросостојба на 227.441 деца на училишна возраст од 11, 13 и 15 години, од 45 земји.
Извештајот открива дека децата на училишна возраст во Македонија, на примерок од 4.685 ученици од три возрасти и два наставни јазика, македонскиот и албанскиот, известуваат за многу значајни податоци поврзани со нивното здравје, навики и однесувања. Меѓу нив, прашањата за менталното и социјалното здравје, сексуалното здравје и грижата за себе (исхраната и физичката активност) имаат највисок приоритет.
Тука особено место заземаат менталното и социјалното здравје, со високи меѓуродови разлики и пораст на психосоматски проблеми, со возраста, особено меѓу девојчињата, како и несоодветната поддршка и слабите капацитети на младите во справување со предизвиците на нивниот развој. Истовремено, тука се и ризичните однесувања (пиењето, опивањето, пушењето и раните сексуални искуства), почесто изразени меѓу момчињата и без тенденција на намалување, со возраста, како ни меѓу последователните истражувачки циклуси, покажал Извештајот.
Нема здравје без грижа за менталното здравје, нема стабилни, задоволни и одговорни возрасни, без безбедни, вклучени, информирани и респектирани млади, вели Лина Ќ. Унковска, национален координатор на студијата. Како што нема да биде неочекувано, како последица од кризата со Ковид -19, да видиме и колку се „кршливи“ оние што немале безбедно и грижливо детство“.
Извештајот ги прикажува наодите од Студијата за однесувањата поврзани со здравјето кај децата на училишна возраст (ХБСЦM), што се спроведува секоја четврта година под раководство на Лина Ќостарова-Унковска од Центарот за психосоцијална и кризна акција (ЦПКА) – Малинска, во тесна соработка со Институтот за јавно здравје, Министерството за образование и наука, и Министерството за здравство.
Споредено со резултатите од 2014, младите во нашата земја известуваат за големи меѓу-родови разлики по клучни прашања и теми од животот на младите, како што се навиките во исхраната, физичката активност, социјалното и емоционално здравје, ризичните однесувања, слободните активности, но и по прашањата на „табу“ темите, како што е семејното насилство, сексуалното однесување и злоставување.
Висока е пропорцијата на ученици кои имаат најмалку еден заеднички оброк дневно со своите родители, во споредба со европските просеци. И покрај тоа, нашите деца се сѐ уште, како и во последните 10 години, меѓу првите во Европа кои секојдневно конзумираат слатки и газирани пијалаци, и што имаат прекумерна тежина (особено момчињата). Изборот на нездрава храна не се намалува со возраста, туку напротив се зголемува, и не се врзува со имотноста на семејство. За разлика од тоа, секојдневната исхрана со зеленчук и овошје, е многу почеста појава меѓу имотните, отколку кај сиромашните.
Мнозинството млади во Македонија живеат со двајцата родители (83%). Довербата во семејството, и отвореноста да се разговара со мајката и таткото на теми што ги загрижуваат младите е висока. Со возраста се намалува отвореноста кон таткото, и тоа многу почесто се случува кај девојчињата.
Во поглед на приврзаноста кон училиштето, учениците од Македонија, кои со години беа на врвот помеѓу 40-тина земји од Европа, Америка, Канада и Русија, во последните 12 години покажуваат континуиран пад во интересот за училиште. Падот се зголемува и со возраста, и кај двата рода, за да доведе до приврзаност од само 29% ученици што го сакаат училиштето. Во поглед на имотноста, најниско имотните девојчиња, најмногу го сакаат училиштето, додека најимотните ученички се најмногу оптоварени со училишни задачи. Поддршката меѓу соучениците е сѐ уште висока, но поддршката од наставниците опаѓа со возраста на децата, и е најниска на нивните 15 години, тогаш кога им е најпотребна. Поддршката многу побргу опаѓа кон девојчињата, во споредба со момчињата.
Сексуално здравје и семејно насилство – „табу теми“ за кои со младите не се разговара. Запрашани, младите одговараат и на теми поврзани со нивните први интимни поврзувања, вљубувања и сексуални искуства.
Македонија е меѓу петте земји со највисока родова диспропорција во сексуалните искуства меѓу момчињата (38%) и девојчињата (4 %) кои пријавиле сексуални односи до својата 15-та година. Овие разлики се должат на стриктните родови норми и улоги што им се припишуваат на момчето и девојчето во нашата заедница. Во поглед на заштитата 1/3 од сексуално активните млади во Македонија, не користеле никаква заштита /кондом или контрацептивни пилули/, при последниот сексуален однос. Семејното насилство, истражувано во 8 земји, членки на Студијата, открива висока пропорција до 35% од децата, од Македонија, со искуства на какво било насилство во семејството (физичко, вербално, занемарување, сексуално вознемирување и злоставување) со зголемување на стапката, со возраста на децата. Притоа, момчињата пријавуваат почеста изложеност на семејно насилство од девојчињата.
Извештајот открива дека општата добросостојба се намалува како што децата растат, при што ризикот од полоши исходи по менталното здравје е повисок кај девојчињата отколку кај момчињата. Во 45 земји опфатени со извештајот, еден од четири адолесценти кажува дека најмалку еднаш неделно се чувствува нервозно, раздразливо или пак не може да заспие.
Тоа што зголемен број момчиња и девојчиња низ европскиот регион известуваат за нивното лошо ментално здравје – чувство на тага, нервоза или раздразливост – нѐ загрижува сите нас,“ изјави д-р Ханс Хенри П. Клуге, Регионален директор на СЗО за Европа. „Начинот на кој ќе одговориме на овој растечки проблем ќе одекнува со генерации. Вложувањето во младите преку, на пример, осигурување да добијат лесен пристап до услуги за менталното здравје, во склад со нивните потреби, ќе обезбеди тројна добивка: здравје, социјални и економски придобивки за денешните адолесценти, утрешните возрасни и идните генерации,“ додаде тој.
Во речиси третина од земјите, споредено со 2014, извештајот открива пораст во бројот на адолесценти што се чувствуваат оптоварени со училишни задачи и пад во бројот на млади кои известуваат дека го сакаат училиштето. Во повеќето земји доживувањето на училиштето се влошува со возраста – задоволството од училиштето и перцепцијата за поддршката од соучениците се намалуваат додека притисокот од училишните задачи расте.
Загрижувачки е тоа што гледаме дека адолесцентите ни кажуваат дека не е сè во ред со нивното ментално здравје и оваа порака мораме да ја сфатиме сериозно бидејќи доброто ментално здравје е клучно за здрава адолесценција,“ рече д-р Џо Инчли, Меѓународен координатор на ХБСЦ студијата, од Универзитетот во Глазгов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.