Дваесет и петгодишен скопјанец со Даунов синдром е новата најмлада жртва на коронавирусот во земјата, соопштија од Министерството за здравство денеска.

Во денешната статистика од МЗ стои дека починаа двајца. На Инфективната клиника во Скопје почина пациент на 36 години од Гостивар, кој освен обезност немал други коморбидитети, но неговата клиничка слика била тешка. Во денешната евиденција на институтот на починати од ковид-19 ќе биде заведен и пациент од Скопје кој бил на возраст од 25 години. Починал на 23 април, а неговиот втор-постмортем позитивен резултат пристигнал утрово. Пациентот имал Даунов синдром, бил хоспитализиран на 20 април со тешка клиничка слика и наод бронхопневмонија.

Од институтот за јавно здравје соопштуваат дека се тестирани се вкупно 728 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2, од кои позитивни се 41. Потврдените случаи се од 8 градови, а за прв пат е регистриран случај во Виница (Табела 1).

Регистрирани се случаи во скоро сите возрасни групи, најмногу од нив, 13 во возрасната група од 50-59 години, а во однос на дистрибуцијата по пол, пријавени се 26 женски и 15 машки лица.

Заклучно со 24.04.2020, пријавени се вкупно 1.367 случаи на COVID-19 (I=66,1/100.000).

Според место на постојано живеење/ повремен престој, случаи на COVID-19 се регистрирани во 27 градови низ државата. Најголем дел од нив се регистрирани во Скопје, Куманово и Прилеп, додека највисок леталитет (со исклучок на странскиот државјанин од Кавадарци) се регистрира во Струга.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.