Речиси 2.000 граѓани на  Македонија се пријавиле на двата пункта за вакцинација против ковид-19 коишто се отворени на граничните премини Станке Лисичково – Делчево и Златарево – Ново Село. На преминот Станке Лисичково вакцинацијата започнала во 10 часот, а на пунктот изутринава веќе чекале 50-тина заинтересирани. Двајца лекари и две сестри се ангажирани за вакцинацијата во граничната зона, пренесе „Дојче веле“.

Според бугарските медиуми, идејата за отворање на вакцинални пунктови на граничните премини било на бугарскиот филантроп д-р Милен Врабевски. Тој уште пред неколку месеци ѝ го предложил ова на бугарската влада.

На состанокот на Советот на министри пред Велигден беше одлучено да се вклучи Македонија во заштитата од пандемијата, да им се помогне со вакцини, почнувајќи од границата. Ние го правиме ова за да не мора да влегуваат во Бугарија и на тој начин ќе заштедат, бидејќи не им се потребни ПЦР-тестови. Ова се сиромашни луѓе и ние сме должни да размислуваме за да им го олесниме вакцинирањето, ја пренесуваат бугарските медиуми изјавата на д-р Врабевски.

Бидејќи мобилните канцеларии се наоѓаат во меѓуграничната зона, граѓаните нема да мора да влегуваат во Бугарија и затоа не треба да покажат негативен резултат на ПЦР-тест. Оние коишто сакаат да се вакцинираат ќе можат да изберат помеѓу АстраЗенека, Бионтек/Фајзер и Модерна. Медиумите во Бугарија пренесуваат дека привичната идеја била на овој начин да им се помогне на граѓаните во Македонија, коишто имаат и бугарски пасоши, но според информациите, од вакцинација нема да бидат враќани ниту оние коишто немаат бугарски документи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.