Познати брендови ги повлекуваат рекламите од „Јутјуб“ поради загриженост дека потенцијални сексуални „предатори“ се собираат во коментари под видеата на кои се прикажани деца.

Како одговор на губењето рекламирачи, „Јутјуб“ избриша повеќе од 400 канали и забрани коментирање на десетици милиони видео клипови, со цел да го исчисти системот од педофили.

Таа контроверзна претпоставка ја даде Мет Вотсон, поранешен вработен во „Јутјуб“, кој оваа појава ја нарече „софт кор (soft core) педофилски синџир“.

Педофилите меѓусебно комуницираат во коментари и разменуваат линкови за илегална порнографија. Тие оставаат линкови до вистинска детска порнографија во коментарите на „Јутјуб“, изјави Вотсон во видео соопштение кое го погледнале милиони корисници. Тој додаде дека алгоритмот на „Јутјуб“, поради некои грешки, дури и ја олеснува таквата размена.

Неодамна, „Дизни“, „Нестле“ и „Епик Гејмс“ ги повлекоа своите огласи од „Јутјуб“, кој е во сопственост на Гугл. Потоа истото го сторија и „Ат&Т“ и „Хасбро“

Се додека Гугл не може да го заштити нашиот бренд од навредлива содржина од каков било вид, ние ги повлекуваме сите реклами од „Јутјуб“, се наведува во соопштението на „Ат&Т“.

Ваквите проблеми не се реткост на Интернет платформите на кои се објавуваат многу содржини. Од Јутјуб наведуваат дека секоја минута се објавуваат околу 400 часа видео материјал и дека компанијата вработува околу 100.000 луѓе кои ги прегледуваат непристојните содржини.

Од „Јутјуб“ настојуваат да ги уверат останатите компании дека прават се што е во нивна моќ за да ги заштитат децата.

Безбедноста на децата беше и останува наш приоритет, се наведува во соопштение испратено до најголемите брендови. „Јутјуб“ минатата недела отстрани милиони сомнителни коментари.

Вотсон во својата видео објава појасни како функционира педофилскиот синџир. Педофилите се собираат под видеата во кои девојчињата прават вообичаени работи, како, на пример, шминкање. Потоа во коментарите објавуваат линкови кои водат до видео снимки со деца кое се „сексуализирани“.

„Јутјуб“ алгоритмот потоа му нуди на корисникот други видео снимки кои ги посетуваат педофилите. Вотсон тврди дека на корисникот потоа му се нудат само такви содржини, а на некои од нив има и реклами.

Видео снимката во која Вотсон ја објаснува оваа постапка се вика „Јутјуб“ ја олеснува и ја наплаќа сексуалната експлоатација на децата“.

Ова не е првпат „Јутјуб“ да се обвинува за ваква работа. Во 2017 година „Тајмс оф Лондон“ („The Times of London“) објави дека рекламите на некои од најголемите брендови се објавуваат на видео-снимки каде што има деца кои се разголени и така привлекуваат коментари на бројни педофили.

Исто така, истата година „Би-Би-Си“ објави дека системот на „Јутјуб“ за пријава на сексуални коментари не работи повеќе од една година.

НПР, пак, откри дека на „Јутјуб“ доколку во пребарување напишете „како да се има“, тоа автоматски ви сугерира продолжување на „секс со деца“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.